20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција ја проширува програмата „Златна виза“ за инвеститорите во акции и обврзници

Грција ја проширува програмата „Златна виза“ за инвеститорите во акции и обврзници

Грција ќе ја прошири својата програма „Златна виза“ и ќе издава дозволи за престој на инвеститори од трети земји кои вложуваат средства во акции, обврзници и банкарски сметки, а не само во имот, пишува весникот „Катимерини“.

Во првите пет години од програмата до 30-ти август оваа година биле издадени 3.154 одобренија за престој на државјани на земји надвор од Европската унија кои имаат инвестирано во недвижности најмалку 250.000 евра. Инвестициите во недвижности врз основа на програмата изнесуваат скоро една милијарда евра, според податоците од Министерството за миграциона политика.

Сега луѓето кои ќе инвестираат минимум 400.000 евра во грчки хартии од вредност, исто така ќе добијат право на дозвола за престој за пет години, што ќе важи како за нив, така и за нивните семејства.

Новите критериуми вклучуваат инвестирањето на најмалку 400.000 евра во акции или корпоративни обврзници на грчките пазари на капитал (или 800.000 евра во грчки компании кои не се на берзата, или во благајнички записи).

Дозвола за престој ќе добиваат и луѓе кои инвестирале минимум 400.000 евра во државни хартии од вредност со рок на достасување од најмалку три години преку банка базирана во Грција, како и инвеститори, кои ја вложиле истата сума во взаемен фонд основан во земјата или во странство, кој инвестира исклучиво во акции и обврзници со кои се тргува во Грција со вкупна актива од најмалку 3 милиони евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП