9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАССК: Технолошка конкурентност за поголем извоз

ССК: Технолошка конкурентност за поголем извоз

Унапредување на техничко-технолошките капацитети на компаниите е предуслов за развој на нови и постоечки производи се со цел зголемување на нивната конкурентност, извоз како и освојување на нови пазари, беше истакнато на денешната прес конференција на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК).

Трајан Ангелоски, член на УО,  Индустриска комора во Сојузот, со  водечка компанија со долгогодишно искуство во областа на машинството и индустријата рече дека услов да се постигне тоа е полесен пристап до финансиски средства во насока на обновување на машини со современа и висока технолошка вредност заради добивање на краен производ со поголема додадена вредност.

„За поголем развој на индустриското производството и финализирање на производи со поголема додадена вредност, потребен е специјализиран план за развој, а врз основа на истиот да се изработи стратегија за извоз на македонски производи на странските пазари во контекст на спогодбите и договорите на ЦЕФТА и Светската трговска организација. Паралелно како континуиран процес треба да се посвети внимание на креативноста, мотивацијата и усовршување на квалитетните кадри, кои ќе влијаат на зголемување на продуктивноста кај домашните компании кои се двигатели на економскиот раст“, изјави Ангелоски.

Тој додаде дека од посетите на саемските манифестации и бизнис форумите годинава во најзначајните светски економски центри во Европа и Азија како Германија, Италија, Јапонија, Кина, очигледен е трендот на нужната потреба од следење на техничко технолошкиот развој. Нагласи, дека е потребна поактивна соработка со високите и стручни образовни институции со цел теоријата и праксата да се преточат во знаење, што ќе продуцираат висока продуктивност, рентабилност и економичност во работењето на компаниите.

„За компаниите покрај искусен кадар потребен  е и свеж кадар кој ќе придонесува за развој на новите технологии. Ваквата соработка значи  чекор понатаму  во создавањето генерации млади луѓе подготвени да се справат со предизвиците на современото бизнис опкружување. Заедничкото делување на образованието и бизнисот треба да имаат за цел надоградување на стекнатото знаење преку практични примери од секојдневното работење. Младите студенти кои понатаму ќе бидат дел од пазарот на труд, треба да имаат навремена подготовка за успешно интегрирање. На тој начин ќе можеме да градиме современи и економски силни компании “, рече Ангелоски и додаде доколку сакаме да се приклучиме кон земијите со висок технички технолошки развој потребно е минималниот процент на раст да изнесува од 7 до 9 % на годишно ниво и таквиот тренд да се одржува во континуитет од 5 до 10 години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП