28 април, 2025
ПочетнаКОМПАНИИОдмрзната сметката на „Секјуриком“

Одмрзната сметката на „Секјуриком“

Основно јавно обвинителство соопшти дека сметката на „Секјуриком“ е одмрзната, за да може да им се исплатат заостанатите плати и придонеси на вработените.

Сметката беше замрзната поради истрагата против сопственикот на фирмата Волфганг Гампер, за кого е поднесено обвинение за злопуптреби со 11 милионскиот тендер. Тие додаваат дека ја следеле состојбата на вработените, кои неколку месеци не земале плата.

„Следејќи ја состојбата на вработените и грижејќи се за почитување на законските права на работниците на кои неколку месеци не им се исплатени плати и придонеси за нивната работа во правното лице за чиј сопственик е покренато обвинение, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави согласност за одмрзнување на сметка на правното лице“, велат од ОЈО.

Од Обвинителство велат дека одмрзнувањето на сметката преку која се исплаќаат платите и придонесите за вработените е до износ со кој се покрива нивната исплата за месец јули и август. Вработените во фирмата „Секјуриком“ неколку пати излегоа пред Влада каде доставија и барања, меѓу кои беше и одмрзнување на сметката за да им се исплатат плати и придонеси за неколку месеци наназад.

Во постапката на Обвинителство е опфатен и ексдиректор на владината Служба за општи и заеднички работи, Васе Доневски, кој беше уапсен по барање на Финансиската полиција. „Секјуриком“ е фирмата која беше долгогодишен партнер, добавувач на Владата и министерствата за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Таа беше набавувач за сите услуги, од чистење и одржување хигиена, преку обезбедување, до тековно одржување на објектите на Владата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП