18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндија купува ракети за 5 милијарди долари од Русија

Индија купува ракети за 5 милијарди долари од Русија

Индија потпиша договор за купување на ракетни системи од Русија во вредност од 5 милијарди долари во потег кој сигурно ќе промени растечките стратешки и одбранбени врски на земјата со САД.

Долгорочниот договор предвидува Индија да купи пет „S-400 Triumph“ ракетни системи, а договор беше парафиран денеска во Њу Делхи, во рамките на посебна церемонија на која присуствуваа индискиот премиер Нарендра Моди и рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Financial Times“.

Индиски воени аналитичари посочуваат дека „S-400“ ракетите земја-воздух ќе бидат доставени за 2 години, а ќе се користат за заштита на големи градови или стратешки зони, како нафтени полиња, од воздушни напади.

Зделката ќе го направи доста посложен односот на Индија со Вашингтон.

САД практикува политика во која воведува санкции на сите земји кои реализираат „значителни трансакции“ со руската воена индустрија.

Американската политика цели да и наштети на Москва, а како причина за тоа е тврдењето дека Русија се вмешала во изборите за претседател во САД во 2016-та година.

Белата куќа може да воведе исклучоци од правилото за сакнциониране, но американски дипломати ја предупредуваа Индија да се откаже од договорот, бидејќи нема гаранција дека ќе добие ваков исклучок.

Сепак, аналитичарите во Индија демонстрираат уверување дека двете страни ќе најдат начин да работат заедно, бидејќи Вашингтон има желба да ги зближи врските со Индија, како противтежа на влошените со Кина.

Веќе со децении Русија е најголемиот доставувач на воена опрема на Индија.

Во последните години азиската земја го диверзификува снабдувањето на одбранбени системи, така што започна да купува и од САД, Франција и Израел.

Њу Делхи сепак продолжува да се потпира на Русија за доста од клучните воени средства, па Москва дури и обезбеди на Индија нуклеарна подморница.

Руслан Пухов, директор на „Centre for Analysis of Strategies and Technologies“, коментира дека Њу Делхи и Москва сметаат дека Вашингтон доволно ја цени Индија како долгорочен стратешки партнер, за да наметне санкции поради трансакцијата.

„Ако Американците се рационални и имаат потреба од Индија за силен партнер против Кина, нема да го сторат тоа. Но, ако тие се целосно луди, тогаш тие ќе направат таков чекор“, вели тој.

Според него плаќањето за договорот најверојатно ќе биде во индиски рупии, за да се спречи САД да стопира трансакцијата, но сепак проблемите ќе останат за Кремљ, бидејќи менувањето на рупии во друга валута е тешка задача.

„Нема доволно стоки на индискиот пазар, кои да се нарачаат со овие рупии“, вели Пухов.

Дури Индија да ги избегне санкциите, договорот може да наштети на одбранбените врски меѓу САД и азиската земја на долг период, додаваат аналитичарите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП