3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАMoody's: Слободното повлекување готовина во Грција е позитивно за кредитирање на банките

Moody’s: Слободното повлекување готовина во Грција е позитивно за кредитирање на банките

Укинувањето на ограничувањата при повлекување на готовина од локалните сметки во Грција и дополнителното олеснување на контролата на капиталот влијаат позитивно врз кредитирањето на банките во земјата, изјави рејтинг агенцијата „Moody’s“, цитирана од светските агенции.

Крајот на ограничувањата на повлекување и зголемувањето на износот што може да биде испратен во странство – дел од мерките за ублажување на контролата наметнат пред три години – влегоа во сила на 1-ви октомври.

Контролата на капиталот беше наметната во јуни 2015-та година во услови на политичките и економските потреси, за да се ограничи повлекување на депозитите од грчките банки.

„Подобрувањето на економските перспективи и зголемувањето на депозитите во приватниот сектор дозволија да се олесни контролата на капиталот, што најверојатно ќе ја зајакне довербата на штедачите и ќе им помогне на банките дополнително да ги подобрат профилите на финансирање“, вели „Moody’s“ во својот извештај.

Постепеното враќање на депозитите во банкарскиот систем во последните седум месеци и оптимизмот по успешното излегување на Грција од третата спасувачка програма беа клучни мотори за одлуката да се намали контролата на капиталот, коментира агенцијата.

Освен тоа значителното намалување на зависноста на банките од финансирањето од Грчката централна банка преку итната помош за обезбедување на ликвидност (ELA) покажува подобрување на ликвидноста во последните квартали.

„Олеснувањето во ограничувањата најверојатно ќе ги поттикнат домаќинствата и компаниите да ги вратат парите во локалните банки кои ги држат надвор од банкарскиот систем на Грција“, вели „Moody’s“.

Билансот на „ELA“ опадна до околу 4,5 милијарди евра, или 2% од вкупните средства, во споредба со крајот на август од 21% во август 2015-та година.

Три од шесте евалуирани грчки банки – „Piraeus“, „National Bank“ и „PanCretan Cooperative Bank“ – го исплатиле целосно билансот кон „ELA“.

Сепак, локалната политика и социјалната нестабилност остануваат ризици за економското заздравување. „Потенцијалната тековната политичка несигурност во комбинација со лабавата контрола на капиталот може да доведе до значителен одлив на депозити“, додаде „Moody’s“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП