29 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев на конференција на МАНУ: Посилен предизвик за економски развој од членството...

Заев на конференција на МАНУ: Посилен предизвик за економски развој од членството во ЕУ и НАТО не постои

Академската заедница длабински и суштински ги знае потенцијалите на нашата економија, здружени заедно може да постигнеме многу. Посилен предизвик за економски развој од членството во ЕУ и НАТО не постои, истакна премиерот Зоран Заев, кој денеска присуствуваше на дводневната научната конференција „Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Владата на Република Македонија, Народна банка на Македонија и Стопанската комора на Македонија.

Премиерот изјави дека целта на оваа конференција е политичарите да ги слушнат стручните анализи на академската заедница и преку дводневна дебата да се донесат заклучоци кои ќе имаат своја примена при креирање на економските политики.

„За мене е значајно тоа што го споменав и во моето обраќање. Влогот во науката денеска значи технолошки развој во иднината. Јас сум убеден ако мудро ја слушате нашата наука којашто суштински и длабински ја знае нашата економија, потенцијали и перспективи, здружени заедно можеме многу да направиме за развој на нашата економија“, соопшти премиерот Заев.

Освен премиерот, свое излагање имаа и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски, претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески и академик Гоце Петрески.

Анѓушев во своето воведно обраќање истакна дека според направените анализи, за повисоко ниво на економски раст потребно е да се фокусираме на развој на индустријата, градежништвото, земјоделието и трговијата.

„Владата преку Планот за економски раст, односно мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Програмата за иновации на Фондот за иновации и технолошки развој оваа година обезбеди околу 30 милиони евра, буџетски средства, за поддршка на стопанството. Со ова поттикнуваме индустијализација, потребно е да се поддржи индустријата за да биде конкурентна на меѓународните пазари, каде што целиот свет е конкуренција. Паралелно се работи на проекти во образованието за продуцирање на квалитетни кадри за потребите на стопанството.
Градежништвото ќе расте ако се реализираат физибилни проекти на приватни компании и инфраструктурни проекти на државата. За развој на замејделството треба да се обезбеди сигурен откуп и пласман, за да земјоделското производство расте со повисоки стапки отколку досега“, нагласи вицепремиерот.

Во рамки на научната конференција „Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија“ свое излагање имаше и министерот за финансии, Драган Тевдовски кој зборуваше за политиките и предизвиците во управувањето со јавните финансии.

„Јавните финансии се во добра кондиција. Тие се транспарентни. Јавниот долг е под контрола. Во процедура се реформите за унапредување на системот на јавни финансии“, нагласи Тевдовски.

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити, рече дека од оваа научна конференција којашто се организира за прв пат после 20 години, очекува да произлезат опипливи мерки и препораки од презентираните научни трудови коишто ќе бидат во насока на постигнување на целите за развој на економијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП