21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Светот почнува со енергетска транзиција и мора да ги следиме тие...

Анѓушев: Светот почнува со енергетска транзиција и мора да ги следиме тие трендови

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, присуствуваше на свеченото отворање на симпозиумот „Енергетика 2018“, каде што истакна дека енергетиката е крвоток на една економија, особено важен сегмент на општественото живеење и дека Владата посветува големо внимание за развојот на овој сектор.

Тој нагласи дека е донесен нов Закон за енергетика, во подготовка е закон за енергетска ефикасност, а се започнува и со сериозно планирање на развојот на енергетскиот сектор, преку креирање стратегија за енергетика, која ќе опфати период од наредни 30 години.

„Долги години енергетиката беше запоставувана и Владата тоа го промени. Го донесовме новиот Закон за енергетика, усогласен со европските директиви и регулативи. Овој Закон дава големи можности за енергетските компании за нивен развој, но и развој на економијата. Светот почнува со енергетска транзиција и ние мора да ги следиме тие трендови за да бидеме конкурентни. Поевтини и поеколошки енергенси се важни за конкурентноста на компаниите, особено оние од индустријата. Енергетиката не се планира денес за утре, токму затоа подготвуваме стратегија за енергетика за наредните 30 години“, потенцира Анѓушев.

На свеченото отворање на „Енергетика 2018“ се обратија и директорот на МЕПСО, Сашо Василевски, и директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски.

Научниот симпозиум од денеска до 6 октомври се организира од страна на Здружението на енергетичари на Македонија (ЗЕМАК) во хотелот „Метропол“ во Охрид.

Пазарот на електрична енергија, енергетските стратегии, производството, обновливите извори, управувањето со електропреносниот систем, оптимизација во управувањето со дистрибутивната мрежа, енергетската ефикасност и екологијата се меѓу темите на кои ќе разменуваат искуства повеќе од 70 научници и стручни лица на меѓународниот научен симпозиум.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП