6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев од „Самитот 100“: За земјите од регионот нема алтернатива, освен членство...

Анѓушев од „Самитот 100“: За земјите од регионот нема алтернатива, освен членство во ЕУ

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, на вториот ден од „Самит 100 – Бизнис-лидери од Југоисточна Европа“, учествуваше на панелот „Дали регионот може да се натпреварува на глобалниот пазар“, каде што дебатира со потпретседателот на владата на Република Србија, Расим Љаиќ, а кој го модерираа претседателката на „Самитот 100“ и член на Управниот одбор на „Горење груп“, Станка Пејановиќ, и потпретседателот на „Самитот 100“ и генерален директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека за економски и општествен прогрес, друга алтернатива за земјите од регионот, освен членство во Европската Унија, нема. Тој посочи дека помеѓу земјите членки на ЕУ во минатото постоеле дури и поголеми разлики од оние што ги имаат земјите од Западен Балкан и дека тие примери треба да бидат показател како да се надминат предизвиците и како да се дејствува за подобра и заедничка иднина.

„Владата на Република Македонија активно работи на надминување на разликите што ги имаме со соседните држави, на решавање на проблемите што ги имаме со децении и цели кон заедничка иднина. Сметам дека сме добар пример за градење пријателство. Во поглед на мобилноста и поврзаноста, добро е тоа што во сите земји се реализираат важни инфраструктурни проекти, но доколку со квалитетни автопатишта, во кои инвестираме милиони евра, заштедиме 10 отсто од времето за патување, а притоа стоката стои на границите по 12 часа, реално не сме направиле ништо. Со години се водат политички дебати како да ја унапредиме регионалната соработка, а не се реализира договореното. Тоа е така поради заштита на локалните економски интереси, што е добро на кус рок, но не носи резултати на долг рок“, посочи Анѓушев.

За земјите од регионот да го постигнат нивото на економски развој што го имаат поранешните социјалистички држави од Централна и Источна Европа, како што се Чешка, Полска, Словачка и други, во наредните 20 години треба да се генерира раст на БДП помеѓу 5-7 отсто годишно.

„Постојат четири генератори на растот на БДП: индустријата, градежништвото, трговијата и земјоделството, кои се најистакнати во нашите земји. Градежништвото лесно се стимулира, сепак, ако станува збор за проекти што немаат физибилност, државата се задолжува за нив, краткорочно има ефект, а долгорочно проблем. Земјоделството и трговијата треба да се развиваат, но најважно е индустријата да се развива, токму на тоа се темели успехот на централноевропските држави. За индустријата да се развива, потребно е да се поттикнуваат извозно ориентирани компании, каде што целиот свет е конкуренција. Компаниите да бидат поконкурентни, владите мора да бидат ефикасни и од збор да се премине на дело. Регионот нема време за губење, мора да ги отфрлиме предрасудите и да го намалиме влијанието на политиката. Мора да научиме да соработуваме, нашите земји не смеат да бидат конкуренти, мора да бидеме партнери. Треба да видиме кои давачки може државите да ги намалат за да стимулираме технолошки развој на нашите компании, инаку нема да имаат можност екстензивно да се развиваат“, истакна вицепремиерот.

Македонија, која им гарантира добар живот на своите граѓани, членка на ЕУ, каде што географски припаѓа, отворена земја, која има создадено добри односи со сите соседи, така ја гледам иднината на државата, нагласи тој.

„За подобра иднина не ни треба многу. Ни треба добра организација, особено на владино ниво, да се смени менталниот склоп на администрацијата и на граѓаните, да бидеме поефикасни и поефективни. Стопанствениците се дел од успехот и тие треба да помогнат, да ги платат вработените за да живеат нормален живот и да работат на проекти што сакаат да ги работат. Сакам да ја видам Македонија како стабилна земја, каде што луѓето не се оптоваруваат со историја и политика, како партнер на соседите. Сакам искрено да соработуваме за подобар регион, без скриени намери и што е најважно – да преминеме од збор на реализација“, заврши Анѓушев.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП