10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев во Белград: Да работиме на регионална рамноправност за повисока конкурентност

Анѓушев во Белград: Да работиме на регионална рамноправност за повисока конкурентност

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, учествува на седмиот по ред „Самит 100 – Бизнис-лидери во Југоисточна Европа“, кој се одржува во Белград, а на кој учествуваат политички и бизнис-лидери од регионот.

Во попладневните часови на Самитот вицепремиерот беше дел од панелот „Кои резултати ќе направат вистинска разлика за регионот“, на кој се водеше дискусија помеѓу бизнисот и политиката.

Вицепремиерот истакна дека политиките на македонската Влада за градење добрсоседски односи, како и цврстата заложба за интеграциите во ЕУ и НАТО, даваат добри резултати, кои се рефлектираат преку сè поголем интерес и број на странски инвестиции во земјата.

„Само во последната година инвестициски проекти почнаа 16 странски компании, што е значителна бројка за мала земја како Република Македонија. Тоа е резултат на економските политики што ги водиме, но не само на нив. Се разбира дека за странските компании се важни поволностите што им ги нуди една земја, но сепак тие се дури на трето-четврто место. Многу поважно им се владеењето на правото и стабилноста, а сè поголем фокус се става и на расположливата квалитетна работна сила. Сето тоа е во фокусот на Владата, во интерес на стопанството, граѓаните и економијата, генерално“, потенцира Анѓушев.

За компаниите да бидат поконкурентни на глобалните пазари, земјите од регионот мора да бидат насочени кон ЕУ интеграциите, истакна Анѓушев и појасни дека мора да се ослободат од историските стеги што во моментот ги имаат.

„Мора да бидеме рамноправни со земјите од ЕУ за да бидеме поконкурентни и затоа треба да бидеме фокусирани кон ЕУ-интеграциите. Доколку компании од ЕУ добиваат субвенции во своите земји од 50 до 70 отсто за технолошки развој, нашите компании не може да ги следат и затоа мора да станеме членки на ЕУ. На Балканот се продуцира повеќе историја отколку што можеме да ја воспримиме, сите ние треба тоа да го забораваме, да се отвориме повеќе и да бараме повеќе области во кои може да соработуваме“, нагласи Анѓушев.

Во поглед на енергетската соработка, Анѓушев рече дека секоја земја мора максимално да ги користи сопствените капацитети во однос за зголемување на енергетската независност и притоа да ги користи достапните ресурси, независно дали тоа е јаглен, вода, ветер или сонце.

„Нешто што сигурно можеме да направиме да ја подобриме соработката во енергетиката, а во моментот не го правиме, е да создадеме еден заеднички енергетски пазар. Денес имаме подобра енергетска инфраструктура, помал консум на електрична енергија ако се спореди со времето во поранешна Југославија, а имаме задушување на прекуграничните капацитети, кои верувам дека се повеќе од административна отколку од техничка природа. Да се ослободиме од административните спреги и да формираме заеднички пазар, кој ќе ја подигне конкурентноста“, рече Анѓушев.

Вицепремиерот појасни дека задачата на секоја од државите е да реализираат капитални проекти, кои не може да ги реализира бизнис-секторот, како автопати и железници, како и да работат на намалување на административните процедури за подобрување на бизнис-климата.

„Мора да соработуваме повеќе, заеднички да настапуваме на пазарот и доколку заеднички дејствуваме и работиме, ќе бидеме поуспешни и поатрактивни за Европската Унија“, заврши Анѓушев.

На панелот на кој зборуваше вицепремиерот учествуваа и Бранимир Гвозденовиќ, потпретседателот на собранието во Црна Гора, Александар Антиќ, министер за енергетика во владата на Србија, Мирко Шаровиќ, министер за надворешна трговија и економски односи во БиХ, како и претставници на „Горење“, „Атлас груп“, „Сименс“ и „Атлантик група“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП