4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОрганска храна – агро бизнис со огромен потенцијал

Органска храна – агро бизнис со огромен потенцијал

Органските производители почнаа да се вмрежуваат. Формиран регистар кои ги обединува производителите, преработувачите и продавачите. Засега само 3% од производството на храна во Македонија е органско, но оваа земјоделска гранка има огромен потенцијал за развој кој е далеку од искористен.

Формиран регистар на органски производители

Преку 600 оператори со органски призводи се опфатени со Регистарот што беше промовиран денска. Во него се вклучени производителите, преработувачите и трговците.

„Регистарот содржи податоци за секој производител, преработувач и трговец со органски производи, но доминираат производителите. Практично, се овозможува пристап до информации во секое време за тоа каде има органски производи, кој ги произведува и каков вид органски производи се нудат. Во регистарот се наведени и контакти на операторите, па кој сака може директно да ги искомуницира“, вели Габриела Мицевска од ИМЕ Програмата што ја финансира Швајцарската агенција за развој и соработка.

Овој регистар треба да помогне во пласманот преку вмрежување на сите кои се вклучени во процесот на производство на органска храна.

Светскиот пазар е буквално гладен за органска храна, но токму тоа е и проблемот – за да се договори пласман потребни се големи количини, а кај нас производителите се мали и разединети.

Кратка историја на органското производство во Македонија

Органските производи во Македонија се појавуваат пред помалку од две децении.

Првиот чекор го прави „Алкалоид“ во 97-та кога почнува да прави органски чаеви од собрани самоникнати растенија.

Следната година 5 земјоделци почнуваат да ги практикуваат правилата за вакви производи и да ги пласираат на однапред познати купувачи.

Првиот Закон за органско производство беше донесен во 2001-та кога беа основани и првите здруженија на органски производители.

По ова следеше утврдувањето на подзаконски акти и правилници кои ја регулираат оваа дејност.

Во 2006-та е одржана е првата манифестација „Ден на органското производство“.

Во 2010-та почна да се спроведува Национална кампања за промоција за органското земјоделско производство.

Органското производство – профитабилен агро бизнис

Органското земјоделство е профитабилен агро бизнис, велат најголем дел од производителите. Според нив првите неколку години секако се тешки, потребни се пари но и дообразување, сепак вложеното се враќа повеќекратно.

Панде Савевски од Ресен пред четири години почнал да произведува органски јаболка.

„Секако дека на почетокот е тешко, особено ако се занимавате со овоштарство. Првите две години има само работа и работа, дури сега почнувам да ги берам плодовите на мојот труд. Не е точно мислењето што преовладува кај повеќето земјоделци дека органското производство значи и поголеми трошоци. Но, освен едукација за производителите, мора да се размислува и за едукација на продавачите и потрошувачите“ вели Савевски.

Семејството Јордановски од Делчево веќе неколку години произведува органска аронија. Целото производство е наменето за извоз.

„Конечно најдовме партнер за извоз од Србија, тој доаѓа и го зема целиот род, ни плаќа во кеш, веднаш. Претходно имавме проблем, дел сами продававме, а дел правевме сок и џем па така го продававме“ објаснува Ивана Јордановска.

Органската храна чини од 10 до 40 проценти повеќе од обичната, во зависност од државата. Само 1 до 2 проценти од вкупната продажба на храна во светот отпаѓа на органска, но овој сегмент од пазарот далеку побрзо од останатиот дел од индустријата за храна, во развиените земји, како и во земјите во развој.

Што во суштина е органска храна?

За еден производ да се смета за „органски“ треба да има сертификат кој потврдува дека исполнува строги критериуми: не смее да содржи никакви вештачки и хемиски состојки, тие не смеат да се користат ниту за ѓубрење на почвата ниту за заштита од штетници и на адитиви и конзерванси во конечниот производ, апсолутно е забранета употребата на генетски модифицирани организми, површината на која се одгледува најмалку две претходни години не смее да биде третирана со недозволени препарати и мора да има јасно означени граници односно растенијата да се заштитени од можна контаминација од препаратите кои се користат на соседните површини.

Најчесто под органска храна се подразбира овошје и зеленчук, но понекогаш изразот се користи и за храна од животинско потекло одгледана на здрав и природен начин – во исхраната не смеат да се користат хормони кои вештачки го подобруваат растот, ниту било какви лекови, како ни други вештачки средства, има и многу строги ограничувања во примената на антибиотици кај добитокот.

За да се добие сертификат за органско производство треба да се поминат повеќе процедури и контроли, а и во текот на целиот процес се прават проверки, велат агро инженерите.

„Регулативите во овој сегмент се усогласени со европските, а Македонија постојано работи и на надградба на капацитетите на институциите. Верувам во контролите што ги вршат инспекциските служби кои досега покажаа дека нема отстапување, дека она што е декларирано како органско е и навистина такво, ги исполнува условите“ објаснува проф. д-р Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Како влијае на здравјето?

Експертите велат дека органската храна има позитивен ефект на здравјето – таа е најдобар начин нивото на токсини во организмот да се сведе на минимум.

Во вообичаеното земјоделско производство најмногу токсини има во вид на пестициди и разни метали, кои поволно делуваат на трајноста на продуктите, но неповолно на здравјето на човекот.

Организмот може да ги исфрли повеќето токсини со кои доаѓа во контакт, но проблемот е во тоа што денес тие се користат десетици пати повеќе отколку пред пет – шест децении. Тие во храната не доаѓаат само директно како ѓубрива и пестициди туку и преку воздухот и водата. Тоа предизвикува „токсична предозираност“ кога телото не може да постигне навреме да се ослободи од сите отрови кои ги добива.

Органските производи содржат и повеќе природни хранливи состојки како шеќери, витамин Ц, антиоксиданси и поголеми количини минерали како калциум, магнезиум и железо.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП