28 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦаровска: Со социјалната реформа децата од сиромашни семејства ќе имаат шанса за...

Царовска: Со социјалната реформа децата од сиромашни семејства ќе имаат шанса за еднаков старт

Експерти од областа на детската сиромаштија и претставници од владини и академски институции дискутираа за решенија кои ќе помогнат да се стави крај на детската сиромаштија во земјата на Конференција за овој проблем која ја организираа Министерството за труд и социјална политика во соработка со Светска банка и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

На настанот се обрати и министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска, која се согласи дека овој проблем бара преземање на итни мерки.

„Социјалната реформа, која ја најавивме пред неколку дена, а ќе стартува од почетокот на наредната година, треба да го преобрази целото општество и да помогне во справувањето со детската сиромаштија. Бидејќи секое дете ни е важно, за сите домаќинства и за оние кои примаат гарантиран минимален приход и за оние со минимална плата обезбедуваме детски и образовен додаток. Ова го правиме за да им дадеме шанса на децата од сиромашните семејствата да се вклучат во образовниот процес и да имаат еднаков старт со децата од семејствата со повисоки примања“, изјави Царовска.

Истражувањата покажуваат дека сиромаштијата во детството влијае на сите аспекти од животот и може да има долгорочни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјален развој на децата. Според податоците од Мулти-индикаторското кластерско истражување (2011) во земјата само едно од 300 сиромашни деца посетува предучилишна програма, а една третина од сиромашните деца не одат во средно училиште. Шест пати е поголема веројатноста девојчињата кои живеат во сиромаштија да се омажат пред својот осумнаесетти роденден, а двојно поголема е веројатноста сиромашните деца да бидат физички дисциплинирани од страна на своите родители во споредба со другите деца.

На конференцијата се обратија и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс и директорот на канцелариите на Светска банка за Косово и Македонија, Марко Мантованели.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП