20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОН: Половина од сиромашните во светот се деца

ОН: Половина од сиромашните во светот се деца

Половина од луѓето во светот кои живеат во сиромаштија, се под 18-годишна возраст, покажуваат податоците на ОН, цитирани медиумите.

Околу 1,3 милијарди луѓе – речиси една четвртина од населението во 104-те држави вклучени во истражувањето, се дефинирани како сиромашни. Речиси 662 милиони од нив се деца.

Податоците ги вклучуваат здравствената заштита, образованието и животниот стандард. Луѓето кои живеат во сиромаштија, немаат пристап до потребни работи како вода, хигиенски средства, електрична енергија, соодветна исхрана или основно образование.

Според мултидимензионалниот индекс за сиромаштијата, составен од Програмата за развој на ОН и Оксфордската иницијатива за истражување на сиромаштијата и човековиот развој, огромното мнозинство од луѓето кои се сметаат за сиромашни, или 1,1 милијарда луѓе, живеат во рурални средини, каде сиромаштијата е четири пати поголема, отколку во урбаните средини.

Владините иницијативи за развој си поставуваат задача да се справат со сиромаштијата во светот. Во Индија, на пример, 271 милиони лица биле извлечени од сиромаштијата меѓу 2005-2006 и 2015-2016 година, изјави шефот на Програмата за развој на ОН, Ахим Штајнер.

„Нивото на сиромаштијата, особено кај децата, е неверојатно, но истото важи за напредокот, кој може да биде постигнат во борбата со неа“, рече тој.

Во земјите вклучени во истражувањето, кое се фокусира првенствено на држави со ниски и средни примања, живеат речиси три четвртини од населението во светот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП