26 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЛШ: Роналдо „поцрвене“, Реал триумфираше над Рома

ЛШ: Роналдо „поцрвене“, Реал триумфираше над Рома

Втората вечер од новата сезона во Лигата на шампиони донесе доста изненадувања, пресврти, чудни црвени картони и возбуди. Елитниот европски фудбал се врати на голема врата.

Во групата Х беше најконтроверзно, иако резултатите не беа за изненадување. Секако, најголем шок беше мечот Валенсија-Јувентус, каде што италијанскиот шампион стигна до победа со два гола од пенал и одигра повеќе од еден час со 10 фудбалери, откако Кристијано Роналдо доби шокантен црвен картон.

Судијата Феликс Брих во 29. минута оцени дека Португалецот се однесувал неспортски, кога го грабна за глава противничкиот фудбалер кој беше паднат во својот шестнаесетник. Црвениот картон значи дека Роналдо нема да патува во Манчестер за дуелот со својот поранешен клуб Јунајтед!

Роналдо картонот го прими доста емотивно, но и без него, тука беше Миралем Пјаниќ, кој подоцна двапати беше сигурен од белата точка за Јуве да го стартува ЛШ со победа.

Во вториот меч од групата, Манчестер јунајтед на вештачкиот терен во Берн стигна до импресивна 3:0 победа над Јанг Бојс благодарение на мајсторската партија на Пол Погба, кој постигна два гола и му асистираше на третиот на Антони Марсијал.

Манчестер сити на Пеп Гвардиола беше огромен фаворит против Лион, меѓутоа, англискиот шампион доживеа незгоден домашен пораз откако францускиот клуб беше инспириран од ѕвездата Набил Фекир. Тој прво во 29. минута му асистираше на Корне за водство од 0:1, за во 43. минута од 20-тина метри да постигне убав гол за 0:2. Сити се обидоа да се вратат во игра и во 67. минута, Бернардо Силва намали на 1:2, но до крајот на мечот, резултатот остана ист.

Актуелните шампиони, Реал Мадрид, стигнаа до рутинска победа од 2:0 над Рома во пресметката на „Сантијаго Бернабеу“, откако прво Иско постигна убав гол од слободен удар во финишот на првото полувреме, а Герет Бејл во 58. минута доби одлична топка од Лука Модриќ за со сигурна завршница да зголеми на 2:0. Новата „седумка“ Маријано во 91. минута стави печат на победата на Хулен Лопетеги во првиот меч како тренер на Реал Мадрид во ЛШ.

Слична рутинска победа имаше и Баерн Минхен на гостувањето во Португалија кај Бенфика од 2:0 со головите на Роберт Левандовски и повратникот кај „Баварците“, поранешното „златно момче“ Ренато Санчес.

Германското изненадување Хофенхајм и нивниот 31-годишен тренер Јулијан Нагелсман својата деби-сезона во Лигата на шампионите ја почнаа со интересно 2:2 реми на гостувањето кај украинскиот Шахтјор, а Ајакс на крајот беше посилен од АЕК Атина (3:0) во првите два меча на денешната програма во ЛШ.

Германскиот клуб стигна до рано водство во Харков кога во шестата минута Грилиш по одличната акција, го совлада противничкиот голман. Шахтјор израмни со одличниот гол на Исмаили во 27. минута, но 11 минути подоцна Нордвајт повторно го донесе Хофенхајм во водство по корнерот на Крамариќ. Мајкон беше спасителот на домашниот тим кога во 81. минута со силен удар го матира голманот Бауман.

Во Амстердам, пак, Ајакс успеа да стигне до 2:0 победа над АЕК Атина кога го скрши отпорот на грчкиот клуб во второто полувреме. Николас Таљифико во 46. минута доби одлична топка од Нерес за 1:0, Ван дер Бек зголеми на 2:0 по уште една убава асистенција на Тадиќ во 77. минута за Таљифико со вториот гол во 90-тата минута да го потврди триумфот.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ 1. КОЛО

ГРУПА Е

Бенфика – Баерн Минхен 0:2

Ајакс – АЕК Атина 3:0

ГРУПА Ф

Манчестер сити – Лион 1:2

Шахтјор Доњецк – Хофенхајм 2:2

ГРУПА Г

Викторија Плзен – ЦСКА Москва 2:2

Реал Мадрид – Рома 3:0

ГРУПА Х

Валенсија – Јувентус 0:2

Јанг Бојс – Манчестер јунајтед 0:3.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП