24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКартографијата во слободен пад

Картографијата во слободен пад

Географски и историски атлас, патна карта, туристичка, винска… се дел од картографските производи, кои, како и останатите печатени изданија, губат чекор со новото време и електронската примена на вакви содржини и податоци. Додека побарувачката за нив е во постојан пад, Катастарот најавува дека ќе се активира повторно во оваа дејност и ќе создаде услови за работење на повеќе субјекти, затоа што сега на пазарот само една компанија ги исполнува условите.

– Картографското производство во Македонија во однос на квaлитет е на завидно ниво, но во однос на тиражи е во постојан пад. Причина за тоа се пазарните текови и новите светски трендови на електронска примена на карти и податоци, малиот број туристи, намалувањето на ученици и граѓани, новите правила и закони на Министерството за образование во учебникарството, изјави за МИА Миле Димитров, управител на Тримакс картографија, фирма вклучена во дејноста од 2001 година.

На таквите состојби, дополнува Димитров, се одразуваат и новите закони и воведувањето тарифи од страна на републичкиот Катастар за секој картографски производ, каде висината на тарифите ја уништува економската оправданост за произведување на картографски производ. На пример ѕидна карта Македонија чини 3.000 до 6.000 денари, а тарифата е околу 60.000 денари.

Како што наведува, побарувачката е во постојан пад. План на град Скопје со цена од 200 денари сега се продава во тираж од 1.000 парчиња годишно, а пред 10 години се продавале околу 2.000 парчиња. Драстично е намалена и побарувачката за атласи, до пред десет години се продавале до 10.000 парчиња, а сега 2.000.

– Во Тримакс денес од целокупното работење само 20 проценти е од областа на картографијата. Условите за работа од страна на државата се просечни, другото е во зависност од побарувачката која за жал опаѓа и е фактор на кој тешко влијаеме, посочува Димитров.

Показател за состојбите во дејноста е ангажираниот кадар, односно ако на почетокот компанијата работела со два картографа, во 2007 година до осум картографи, денес функционира со еден.

– За дејноста како комерцијална картографија, притоа со печатени производи, следејќи ги светските трендови на дигитализација, електронски карти и глобализација не гледам светла иднина. Во однос на дигитална картографија особено во мали размери и за професионална употреба има иднина, смета Димитров.

Од Агенцијата за катастар на недвижности најавуваат дека повторно ќе се активираат во издавањето картографски производи и оти ќе се прошири можноста повеќе субјекти да се занимаваат со оваа дејност, каде моментно има монопол. Обезбеден е нов софтвер и нови шест графички станици за картографска обработка на податоци.

– Во моментов, постои само една приватна фирма која има овластување за изработка на картографски производи, па може да се каже дека таа го има монополот, поточно дека само таа е овластена да издава картографски производи и тоа само до оној момент додека друга фирма, која ќе ги исполни пропишаните услови и барања, не добие исто овластување од страната на АКН, велат за МИА од Катастарот.

За подигање на квалитетот на картографските производи, направени се активности од страна на Агенцијата, во согласност со годишната програма на одделението за картографија за 2019 година се очекува да биде зголемен опсегот на картографски материјали.

– На овој начин, Агенцијата се враќа со активности во овој сегмент од своето работење. Во минатото, картографијата била една од клучните сегменти во работењето на АКН. Таа публикувала картографски производи во Република Македонија, со разни тематски содржини. Катастарот има добра основа, затоа што располага со сите геопросторни податоци за целата држава, укажуваат од Агенцијата.

Покрај тоа што ќе се зголеми квалитетот, ќе се прошири можноста повеќе субјекти да се занимаваат со оваа дејност, со што, укажуваат, секако ќе се избегне монополот. Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија е подготвена да одговори на предизвикот, како со тимска екипираност, затоа што има обучен кадар, така и со техничките можности кои ги поседува.

Димитров вели дека радува информацијата дека ќе се создадат услови за работење на повеќе приватни субјекти на пазарот, но се надева дека првин ќе бидат намалени тарифите со цел поголемо картографско издаваштво, а со тоа и поголема промоција на Македонија. Сепак, појаснува, условите на пазарот повеќе зависат од Министерството за образование, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за туризам или Министерството за економиија. И секако условите за работа се подобри ако има повеќе побарувачка, а за тоа се потребни повеќе ученици, граѓани, туристи, проекти итн.

Како што објаснува за МИА професор Благоја Марковски од Институтот за географија при Природноматематичкиот факултет во Скопје, во картографското производоство има одредени правила, картата не може да биде направена како било и мора да бидат исполнети одредени принципи како размер, картографска проекција, метод на картографирање…

– За поздравување е набавката на нов софтвер и опрема бидејќи со тоа Катастарот води сметка за модернизација на сопственото работење и картографското производство. Во контекст на тоа кој е надлежен да работи картографски производи улогата е двојна. Она што значи картографско производство од државен интерес како на пример производство на топографски карти кое е и многу поскапа операција од останатото производство треба да го вршат државни институции како Катастарот. Изработката на тематски карти – училишни, сообраќајни, туристички, геолошки, хидролошки,… чија бројка се движи околу 700.000, повеќе треба да биде работа и на приватни субјекти кои наменски во интерес на побарувачката би ги произведувале и би ги пласирале на пазарот, изјави за МИА Марковски.

Картографијата, како огледало на географијата е универзален документ и инструмент кој прикажува се на еден лист. Има огромно значење и од образовен и од државен аспект.

– Тоа е големо културолошко достигнување на нацијата. Нема нешто што се прави во сферата на градежништво, организација, планирање на географскиот простор… без да се земе претходно карта, на неа да се испланира и на терен практично да се реализира. Во тој контекст картографското производство не може да биде изоставено во процесот на секојдневното работење, а да не правиме воопшто муабет од образовен аспект, од сферата на картографското работење, користењето на поединецот на картата како елемент за ориентација, вели професор Марковски.

Процесот на изработка на една карта временски може да се одвива од месец до година зависно од видот што се изработува.

– Низ долгогодишното работење се воспоставени одредени картографски основи, на пример за релјефот, хидрографијата, патната инфраструктира, населбите, и врз така поставени основи кои Агенцијата за катастар како и сите светски картографски институции ги има денес во дигитална форма, можеме релативно многу бргу да наредиме одредени тематски содржини. Но, ако почнуваме од почеток тогаш е голем временскиот период, затоа се практикува она што го поседуваме како картографски материјал, а над него само да ја надградиме таа тематска содржина. Секоја тематска карта зависно од нарачателот има повеќе или помалку содржни, тие треба да се идентификуваат на теренот со координати. Зависно од обемот ќе трае и времетраењето, на пример за бензински пумпи ќе треба помалку време, но за евиденција на сите туристички локалитети ќе ни треба можеби половина година, додека за некои е малку и година, укажува професор Марковски.

Како што посочува, од аспект на регулативата потребни се мали промени на Законот за картографска дејност во однос на овластувањата за експертизата. Неопходна е и поддршка од државата на научните проекти за картографското производство која е прекината од 2004 година.

Почетоците на картографијата за територијата на Македонија датираат од многу одамна, како што објаснува професорот, бидејќи како локација во централниот дел на Балканскиот полуостров била предмет на интерес уште кај античките научници, картографи и филозофи, а понатаму во средниот век. Поточни карти почнале да се изработуваат во 19 век од Австроунгарската и од Отоманската империја, но попрактичкото картографското производство следи во 20 век со изработката на топографски карти со крупен размер од страна на Австрија и Германија. Во 70-тите години на 20 век за територијата на Македонија, како дел од поранешна СФРЈ, се изработувале карти од Воено- географскиот институт од Белград.

– По осамостојувањето беа произведени карти под ингеренции на НАТО и некои од соседните држави во топографска основа, но како императив беше поставен проблемот како во Македонија да се произведат сопствени картографски производи, се потсетува Марковски, кој тогаш како млад доктор по географски науки со специјалност картографија, ја покренал таа постапка во соработка со тогашните Институт за геодезија на Градежниот факултет, Министерство за народна одбрана, Геодетски завод за фотограметриски работи (Агенција за катастар на недвижности).

За да се создаде кадровски потенцијал на Институтот за географија на ПМФ се формирани постдипломски студии од тематска картографија, каде почнало школувањето на дипломираните географи и геодети. Со грант од Владата на Јапонија се извршило снимање на целата територија и во 2006 година е направено сопствено картографско производство на топографски картри. За територијата на Македонија од 25.713 километри квадратни се стартувало со производство на топографски карти од 1:25.000, а потоа во Катастарот се произведувале и од 1:50.000, 1:100.000 и 1:200.000.

Сега сите картографски содржини се организирани во слоеви коишто покриваат одредена содржина кои во дигитална форма ги поседува Катастарот кој е во можност да врши услуги на сите заинтересирани правни и физички лица да можат да откупат одредени содржини.

На воспоставените студии за географски информациски системи 40 проценти од содржините се типично картографски бидејќи без картата не може да се организира географски информациски систем, а останатите предмети се запознавање со софтверски пакети, бази на податоци… Со тоа според професор Марковски, се формира кадровски профил подготвен за најсовременото картографско работење во светот. Сите досега дипломирани студенти кои добро го совладале занаетот се вработени и оттаму, посочува професорот, интересот е постојано присутен. Веќе десет години имаме постојана бројка од 15 студенти што е сосема доволно за да одговори на потребите на проектантските фирми и соодветните организации во државава.

Лидија Велковска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП