19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОсум од земјите каде што е најтешко да се добие државјанство

Осум од земјите каде што е најтешко да се добие државјанство

Американското државјанство и имиграциските ограничувања доминираат во вестите по претседателските избори во 2016-та година. Сепак се покажа дека има голем број други земји, каде е многу тешко да станеш нивни граѓанин.

Освен потеклото и долготрајниот престој, еден од начините да се здобиеш брзо со странско државјанство е да си спортист на светско ниво. Некои земји им даваат државјанство на спортисти кои ќе ги подобрат нивните шанси за олимписки медал.

Ако сепак не сте на светско ниво во скок со стап на пример, тогаш ве очекува долг, а во некои случаи и невозможен пат за да го поминете кон стекнувањето на државјанство во држави како Швајцарија, Кина и Катар.

Погледнете ги осумте земјите, избрани од „Business Insider“, во кои е најтешко човек да стекне државјанство:

Ватикан

Со околу 800 жители и 450 граѓани Ватикан е најмалата држава во светот, што веројатно се должи делумно и на тоа дека земјата има една од најстрогите имиграциски политики.

Според Библиотеката на конгресот на САД, човек може да стане граѓанин, ако е кардинал кој живее во Ватикан или во Рим, ако е дипломат, кој го претставува Светиот престол, или пак ако живее во Ватикан, бидејќи е вработен во Светата црква.

Лихтенштајн

Малата планинска земја, сместена меѓу Австрија и Швајцарија, има население од нешто под 40.000 лица, а имиграциската политика изгледа има за цел тоа да остане така.

Ако сакате да станете граѓанин, треба да сте живееле во Лихтенштајн најмалку 30 години, а секоја година откако ќе живеете 20 се брои за две години. Ако сте во брак за државјанин на Лихтенштајн и веќе живеете во земјата, овој временски период се скратува до 5 години од бракот.

Ако сакате да го прескокнете условот за 30-годишниот престој во земјата, можете да побарате заедницата во која живеете, да гласа за тоа да добиете државјанство по 10 години.

Без оглед на методот, ќе треба да се откажете од вашето моментално државјанство.

Бутан

Хималајската држава Бутан е позната по тоа дека ги пресметува успесите со националниот индекс на среќата, а не со БДП-то. Таа е една од најизолираните земји во светот.

Земјата се отвори за туристи дури во 1974-та година и продолжува да ги регулира и следи посетителите одблизу, па можете да замислите дека имиграцискиот процес не е воопшто лесен.

Мора да имате двајца родители од Бутан, за да станете државјанин, а ако имате само еден, треба да аплицирате за натурализирање, откако сте живееле во Бутан 15 години. Овој 15-годишен услов, исто така, се однесува на државните службеници.

Оние кои немаат родители од Бутан и не работат за владата, можат да аплицираат за државјанство, откако живееле во земјата во текот на 20 години, под услов да го исполнуваат списокот со барања, меѓу кои е и тоа да не зборувале или дејствувале против кралот или земјата. Ако пак го  направите тоа во иднина, државјанството може да биде одземено.

Дури и ако ги исполнувате сите барања, Бутан го задржува правото да ве одбие без причина.

Катар

Ако татко ви не е катарец, тогаш и вие не сте дури и ако мајка ви е, според „Doha News“. Ако сте престојувале легално во Катар во текот на 25 години без да сте ја напуштиле земјата за повеќе од два последователни месеци (како и голем број на други барања), можете да аплицирате за државјанство.

Според „Doha News“, Катар натурализира едвај околу 50 странци годишно. Освен тоа натурализираните граѓани не добиваат ист третман како родените во Катар, веројатно поради дарежливата државна помош која би ја чинела земјата поскапо, ако се доделува на сите граѓани.

Обединети Арапски Емирати

ОАЕ, кој се наоѓа гламурозниот Дубаи, ви овозможува да аплицирате за државјанство, ако сте живееле легално во Емиратите во текот на 30 години.

Според локалните закони, ако сте арапски државјанин од Оман, Катар или Бахреин, можете да аплицирате за натурализација после само 3 години престој во земјата. Арапите од други држави можат да аплицираат по седум години жителство во ОАЕ.

Од декември 2011-та година, пак, жените од ОАЕ може да го пренесуваат државјанството на своите деца.

Кувајт

Според локалниот Закон за Националноста од 1999-та година, откако ќе живеете во Кувајт во период од 20 години (15 за граѓани од други арапски држави), човек може да аплицира за кувајтско државјанство, но само ако е муслиман по раѓање или ако последователно ја прифатил оваа религија. Ако сте ја прифатиле религијата, треба да е барем претходно пет години и треба да зборувате арапски јазик.

Според истиот закон сопругата на жител на Кувајт може да аплицира за државјанство, откако била мажена за него во текот на 15 години.

Швајцарија

Според новиот закон, кој стапи во сила во јануари 2018-та година, за да се здобие со швајцарско државјанство, човек треба да живее во земјата 10 години и да има специјална дозвола за работа.

Оваа дозвола, која дозволува престој и работа во земјата, бара 5 години континуиран престој во Швајцарија за граѓани на ЕУ, САД и Канада. Сите други мора да останат во земјата 10 години пред да можат да аплицираат за државјанство.

Кина

Законот за Националноста на Кинеската народна република им овозможува на граѓаните да се обидат да станат натурализирани државјани, ако имаат роднини кои се кинески државјани, живеат во Кина, или пак „имаат други законски причини“.

Ако немате роднина кој е кинески државјанин и живее во Кина, вашите шанси да станете кинески државјанин се мали. Според информациите, натурализацијата е можна, но тоа е исклучително тешко. Долгите престои се потребни во земјата, но не е одредено колку.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП