Германскиот двоен образовен систем е толку успешен што го копираат сите земји во светот. Но, во Германија нема доволно кандидати за да се пополнат сите слободни работни места.
И покрај тоа, не го добива секој кандидат посакуваното место за обука
Повеќе од половина милион млади луѓе го започнуваат своето стручно образование по германскиот двоен образовен систем овие денови. Занаетчискиот сектор долго време се жали на тоа дека матурантите најчесто одат да студираат и не се запишуваат како подмладок во нивните училишта и фирми. Оваа година се пријавени 531.426 слободни работни места, но имало само 501.878 кандидати. Од една страна, се намалува бројот на ученици, а од друга страна се зголемува потребата за работници. Раководителот на бирото за вработување, Детлеф Селе, вели дека бегалците ќе пополнат дел од кадарот кој недостига. Тие веќе пополниле 28.000 работни места.
Претседателот на германската индустриска и трговска коморам Ерик Швајцер, вели дека ситуацијата на пазарот на слободни работни места во двојниот образовен систем за кандидатите е подобра од било кога: „Претходно, компаниите избираа кандидати, а сега младите луѓе најчесто избираат помеѓу неколку компании.“ Сепак, не сите професии се подеднакво барани. Најпопуларни места за образование се во трговијата, канцелариски менаџмент, како и индустриски продавач или мехатроничар.
Понудата и побарувачката не секогаш се совпаѓаат
И покрај побарувачката за млади луѓе, секој кандидат не доби свое место за стручно образование. Минатата година 24.000 млади останаа без посакуваното место. Во исто време, останаа непополнети 49.000 распишани работни места. Во овој тип на регрутирање се вклучени помалку од една петина од компаниите. Исто така, образованието не го завршуваат сите ученици. Секој четврти студент го прекинува образованието во одредена професија, а половина од нив наоѓаат друго работно место. Бројката на оние кои целосно се откажуваат е помеѓу 12 и 13 проценти.
Студентите се под голем притисок од менаџерите, и мораат да работат прекувремено. Особено во хотелите и рестораните, многу од студентите се жалат на лошите услови. Повеќе од една третина од учениците мораат да работат прекувремено. Исто толку не работат по ниту еден план за обука. Од друга страна, секој десетти ученик работи работа која не соодвествува со основната работата и неговото стручно образование.
Сепак, мнозинството се задоволни од своето место во двојниот систем – дури 72 проценти. Околу 22 проценти се делумно задоволни, додека шест проценти се незадоволни.
Министерката за образование, Ања Карличек, сака да го зајакне овој образовен систем. Се планира помалите компании кои добиваат помалку приправници да добијат помош. Во коалициониот договор на сегашната влада, наведено е дека образованието во двојниот систем мора да се модернизира врз основа на образовниот пакт.
Минималецот мора да се зголеми
Заменик-претседателката на германската унија на синдикати, Елка Ханак, инсистира на забрзана реализација на ветеното.
„Основа на модернота стручно образование се добрите и ангажирани инструктори во компаниите”, вели таа, додавајќи дека тие треба да ги зајакнат врз основа на правото за понатамошно образование, бидејќи растат и барањата за дигитализација и потребата за зголемување на интеркултурната компетентност. Ханак бара за студентите минимум 635 евра месечно. Во следната година синдикатите сметаат на минимални 696 евра, третата година би била во категоријата на 768 евра, а четвртата 796 евра.
Во хотелиерството и рестораните многу студенти се жалат на условите
Ерик Швајцер смета дека ситуацијата за кандидатите е значително подобрена: „Компаниите точно знаат дека можат да соберат поени врз основа на висококвалитетна понуда. Затоа нудат повисоки плати од вообичаено во индустријата, организираат дополнителни обуки за послабите студенти, а за подобрите нудат дополнителни квалификации и престој во странство.”
Според официјалната статистика, студентот кој одлучи да стане мехатроничар заработува 1.027 евра, што е двојно повеќе од оние кои ќе бидат фризери, кои заработуваат 523 евра.