7 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоставен камен темелник за системот за наводнување Равен Речица

Поставен камен темелник за системот за наводнување Равен Речица

Почнаа активностите за изградба на новиот водоснабдителен систем Равен Речица кој ќе чини над 15 милиони евра и ќе се гради во следните пет години.

Со овој систем ќе бидат опфатени 22 населени места во Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово. Ќе бидат опфатени земјоделските површини од десната страна на автопатот Тетово – Гостивар до подножјето на Шар Планина, како и површините од левата страна на патот со вкупна површина од над 3.300 хектари.

На почетокот на градежните работи денеска присуствуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерот за транспорт Горан Сугарески, лидерот на ДУИ Али Ахмети и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

– Наш приоритет останува помагањето на локалните заедници кога им е најпотребно со цел унапредување на животот на нашите граѓани. Одржливо локални заедници се основата за унапредување на економскиот систем, растот и развојот. Почнувајќи од локалните средини сакаме да ги поткрепиме нашите силни страни – работливоста, трудољубивоста и чесноста, рече премиерот Заев, додавајќи дека средствата се обезбедени преку Програмата за рурален развој.

Министерот за земјоделство посочи дека системот ќе се гради во две фази и тоа првата ќе биде поставување на главниот цевковод, а втората ќе опфати поставување на деталната мрежа и разделни цевки на одредено подрачје под Шар Планина.

– Предвидениот период за негова изградба е 60 месеци и токму затоа уште наредната година ќе се започне со постапката за изработка на техничка документација за реализација и на втората фаза од проектот. Со неговата изградба ќе овозможиме Полошкиот регион да нема проблеми со производството на далеку познатите тетовски грав, пченка, овошните и другите култури од овој крај, рече Николовски.

Додаде дека интензивно се работи и на други капитални инвестиции во водостопанството и дека се забрзуваат постапките во оваа област коишто биле закочени со години. Најави дека ќе се активираат средствата од над седум милиони евра наменети за мали системи за наводнување, како и проектот за наводнување на Јужновардарската долина.

За лидерот на ДУИ Али Ахмети, со завршувањето на овој проект жителите не само од Полошко, туку од целата држава ќе се снабдуваат со здрави земјоделски производи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП