19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова велосипедска и пешачка патека на булеварот 8 Септември

Нова велосипедска и пешачка патека на булеварот 8 Септември

Деновиве заврши изградбата на новата велосипедска и пешачка патека на булеварот 8 Септември, која се протега од мостот кај хотелот „Александар палас“ до улицата Варшавска. На промоцијата на новата велосипедска патека присуствуваше и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

„Вкупната должина на патеката на овој потег изнесува 1.200 метри и со тоа успешно ги поврзавме постојните велосипедски рути 1 и 2 со кејот на Вардар. Ширината на патеката изнесува 2,5 метра, што овозможува двонасочен велосипедски сообраќај. Велосипедската патека е дел од т.н. конектор 5, кој по завршувањето на неговата изградба во вкупна должина од 2.044 метри, е предвидено да ги поврзува рутите 1, 2 и 3 и да се протега по должина на целиот булевар, поточно од крстосницата со булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов до крстосницата со улица Скупи“, истакна Шилегов.

За изградбата на велосипедската и пешачката патека досега се потрошени 15 милиони денари. На дел од оваа патека се вршат и експериментални мерења за температурата на асфалтот и поради тоа тој дел од патеката е обоен во бела боја. Пилот-тестирањето е дел од европскиот проект „Епикуро еко“, чија цел е зголемување на отпорноста на градот во однос на климатските промени.

Шилегов рече дека со завршувањето на оваа патека ќе се поврзат трите главни рути во Скопје и кејот на Вардар и граѓаните на Карпош, како и тоа што преостанатите граѓани што живеат и работат тука ќе може побрзо со велосипед да стигнуваат до своите домови и работни места.

Освен на оваа локација, во моментот се работи на изградба на нови велосипедските патеки на повеќе локации во градот со вкупна должина од над 5 километри. Новите патеки се градат на булеварот Борис Трајковски, на улицата 11 Октомври, на булеварот Крсте Петков Мисирков и на улицата Бутелска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП