4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовисоки плати за вработените во градинките најавени на отворањето на првата градинка...

Повисоки плати за вработените во градинките најавени на отворањето на првата градинка во велешко Караслари

Министрите за труд и социјална политика и за финансии, Мила Царовска и Драган Тевдовски, заедно со градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, денеска ја отворија првата градинка во велешкото село Караслари.

Како што информираат од владината прес-служба, објектот „Пинокио“ е со капацитет за 40 деца, а од буџетот за негово опремување се издвоени околу 850 илјади денари.

„Нашата цел е континуирано да ги зголемуваме просторните капацитети на детските градинки во земјава и во претшколските програми да ги вклучиме и дечињата од руралните средини кои досега немаа таква можност. Затоа како Влада посветено работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој“, рече Царовска на отворањето на градинката во Караслари.

Министерот за финансии, Тевдовски, истакна дека се вложува во градинките, но и во кадарот што работи со децата.

„Од септемвриската плата исплатена во октомври предвидено е покачување од 5%, за сите околу 4 300 вработени во градинките”, изјави Тевдовски.

Тевдовски додаде дека се работи на проект вреден 35 милиони евра за изградба на градинки, во соработка со Светската банка.

Од Владата информираат дека низ Македонија од јуни лани до јули годинава се отворени 11 нови објекти. До крајот на годината е предвидено да се отворат уште 11 нови градинки. За изградба, опремување и одржување на градинките за годинава од буџетот на државата се обезбедени 41,6 милиони денари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП