18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПознатите личности зборуваат за својот прв училишен ден

Познатите личности зборуваат за својот прв училишен ден

Првиот училишен ден е еден од највозбудливите денови од годината за дечињата, но и за нивните родители. Сите се подготвуваат за новите предизвици со многу емоции, возбуда, трема, среќа и разни очекувања…  

Разговаравме со неколку македонски јавни личности и ги прашавме како тие ги поминале најубавите детски денови, се потсеќаа на првиот училишен ден, а на крајот ни дадоа и по некој совет за сите првачиња.

Ги вративме во времето кога биле првоодделенци, Ивица Маринковиќ (на јавноста познат како Ивце Пивце, омилениот детски водител на најмладите), Миа Костова (поранешна водителка и инфлуенсер на социјалните медиуми) и Елена Стојановска (радио и ТВ водител).

Елена: Првиот училишен ден иако беше одамна, сѐ уште го паметам, веројатно затоа што е навистина значаен момент во сечиј живот. Се сеќавам на подготовките, на новото фустанче кое  го одбравме со мајка ми и на убавата детска врева во училишниот двор. Заедно со мене беа присутни сите членови на семејството кои гордо ме испратија во новите предизвици и најубавиот период во животот.

Миа: Тргнав во училиште еден месец пред да наполнам 7 години, 1990 година. Ме запишаа во основното училиште Коле Неделковски, каде се запишаа и сите другарки од маало. Ама како едно борбено дете си имав мака со една престрога учителка по математика па така цела една година беше вистинско измачување и за мене и за моите. Потоа ме префрлија во Песталоци, училиштето кое до ден денес ми ги носи најубавите спомени.

Ивце Пивце: Основно образование завршив во најубавото училиште во цел свет, тогашно „Иван Горан Ковачиќ“, во населбата Карпош 4. Се запишав на 6 години, се сеќавам како вчера да беше J.

Низ смеа ни раскажаа по некоја интересна анегдота и сеќавање од училишните денови.

Миа: Секој ден ни беше авантура, и часот по географија на кој верувам дека секој ученик од Песталоци го памти, Чочов со анегдотите, „народна“ во школски за која доаѓавме и два часа пред часови за да ја изиграме, потоа бегањето од часови и криењето позади школски за по некоја беља…

Ивце Пивце: Со нетрпение чекав да дојде декември и да се дофатам до некој календар од новата (наредна) година. И веднаш гледав кога се паѓаат празниците и неработните денови. На радоста ѝ немаше крај ако 10 јуни се паѓа во недела а 1 септември во сабота. Веднаш се ќаруваа 4 дена. J

Елена: Имам многу убави сеќавања. Мојата генерација играше ластик и плочка на голем одмор. Имав прекрасни другарки со кои со задоволство се гледам и денес. Не се забораваат екскурзиите, заедничките патувања, првата симпатија. Не можам да издвојам посебна случка баш затоа што се поврзано со тој период ме потсетува на безгрижност и уживање.

Тие со нас споделија и по некој совет за првачињата:

Миа: Мислам дека треба да се трудат во училиште најдобро што можат, но да не ја забораваат и детската игра. Да не се плашат, затоа што токму од сега почнуваат да ги собираат најубавите спомени. Нека им е со среќа!

Ивце Пивце: Ееее, дојде време совети да давам… се остаре во меѓувреме… Но еве, еден совет за првачињата: Првачиња, бидете измиени и насмеани. Другото е лесно. Уживајте во школските денови! J

Елена: Се надевам дека наставниците ќе успеат да им пренесат многу знаење, но и дека ќе им дозволат сами да се развиваат и осознаваат. Би им посакала да им оди лесно, но и би истакнала дека најважно е да си осознаат што е она што најмногу го сакаат и во тоа да бидат најдобри. Првачиња, СРЕЌНО!

По повод стартот на новата учебна година и подготовките за првите училишни денови, периодов низ Скопје може да се видат многу шопинг понуди во трговските центри, попусти низ продавниците и настани интересни за дечињата. Од Скопје Сити Мол известија дека од овој викенд ќе започнат со „Back to school“ кампања за најмладите, настан исполнет со многу попусти,  многу активности и игра каде што секој добива! После долгиот и опуштен летен распуст, враќањето на старите навики на учениците може да претставува вистинска потешкотија: домашни задачи, многу книги, рано будење, учење… Токму затоа, ваквиот тип на кампањи се одлични за полесен и свеж почеток на новата учебна година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП