3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата планира да потроши 80 милиони денари за кампањата за референдумот

Владата планира да потроши 80 милиони денари за кампањата за референдумот

Владата ќе обезбеди 80 милиони денари или речиси 1,3 милион евра за кампањата за референдумот. Доколку на крајот на кампањата останат пари од оваа сума, тие ќе бидат вратени во буџетот.

За кампања преку социјалните медиуми – „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Твитер“, „Фликр“ и „Јутјуб“, пак, Владата планира да потроши 400.000 денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат на Владата.

„На денешната, 84. редовна седница, Владата донесе одлука со која го задолжи Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување 80 милиони денари од тековната буџетска резервa, а кои ќе му бидат ставени на располагање за спроведување кампања, врз основа на одобрен план, на Собранието на Република Македонија како овластен предлагач на референдумот. Доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие ќе бидат вратени во буџетот на Република Македонија“, велат од Владата.

Во врска со распишаниот референдум, Владата преку процес на планирана јавна комуникација ќе ги прикажува, како што велат од таму, добивките за граѓаните од влезот на Македонија во Европската Унија и НАТО. Во кампањата Владата ќе го објаснува и договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и ќе ги повикува граѓаните да го остварат правото на гласање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП