16 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГодинава трговската размена со Германија се очекува да достигне 4 милијарди евра

Годинава трговската размена со Германија се очекува да достигне 4 милијарди евра

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, се сретна со делегација од германското Министерство за економија и енергетика, Стопанската комора на Германија и Источниот комитет – здружение на источна Европа на германското стопанство, предводена од Хелге Толксдорф, раководител на секторот за проширување на ЕУ, Југоисточна Европа и Турција во Сојузното министерство за економија.

Толксдорф посочи дека голем број компании се заинтересирани за инвестиции во Македонија и дека гледа можност за уште подобра и поинтезивна економска соработка меѓу двете земји.

„Според индикативните податоци во првата половина од годината, доколку продолжи со ова темпо, трговската размена помеѓу двете земји би можела да достигне до 4 милијарди евра. Интересот на германските компании за инвестиции во Македонија е голем, а во тоа се уверив и лично неодамна на бизнис-форумот што се организира во Франкфурт“, потенцира Толксдорф.

На средбата стана збор и за формирање мешовито тело помеѓу двете земји преку кое би се поттикнувала, координирала и интензивирала соработката во поглед на привлекување нови инвестиции, но и за реализација на проекти поддржани од германската влада и германските банки.

Претставникот на делегацијата на германското стопанство во Република Македонија, Патрик Мертенс, нагласи дека проектот за дуално образование, кој се спроведува со поддршка на македонската Влада, веќе од септември започнува со практична имплементација со отворање по една паралелка во стручните средни училишта во Охрид и Кичево за потребите на германските компании што работат во Македонија. Овој проект, според вицепремиерот Анѓушев, треба да биде основа за реформата во образованието за да се продуцират едуцирани кадри соодветни на потребите на технолошкиот развој на индустријата во Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП