29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо гасификацијата на Прилеп трошоците за загревање на јавните институции ќе се...

Со гасификацијата на Прилеп трошоците за загревање на јавните институции ќе се намалат 50 отсто

Општина Прилеп денеска организира средба со претставници на јавните институции од градот, а целта на средбата, како што информираат од Општината, е поуспешно извршување на подготвителните работи во функција на изработка на идејниот и основниот проект за изградба на секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа.

На средбата присутните го искажаа своето мислење за потребите и оправданоста од имплементацијата на овој капитален проект, како и за спремноста на институциите да ги заменат постојните енергенси со природен гас, велат од Општината.

Надворешниот соработник за гасификација на Прилеп, Кирил Настески, посочи дека денешната средба е исклучително важна бидејќи јавниот сектор, заедно со индустријата и стопанството, ќе биде првиот корисник што ќе се приклучи на гасоводната мрежа.

„Овој сектор е интересен и затоа што Општината е надлежна да обезбеди услови за снабдување со природен гас и таа во следниот период ќе мора да изнајде начин за промена на енергенсот што сега го користат јавните институции, а тоа во најголем дел е нафтата. Освен што нафтата ја загадува животната средина, нејзината замена со природен гас ќе придонесе за намалување на трошоците од 50 отсто“, изјави Настески.

Како што напомена Настески, главниот транспортен гасовод наближува до Прилеп, а во првата фаза ќе бидат изградени околу 20 километри примарна градска мрежа, чија вкупна вредност ќе изнесува 4 милиони евра.

Гасот во Прилеп се очекува да стигне на почетокот на 2020 година, а во меѓувреме се работи на припрема на проектната документација, која ќе трае речиси 7 месеци.

Што се однесува до домаќинствата, во зависност од интересот и темпото на изградба на секундарната мрежа, тие на гасоводот ќе бидат сукцесивно приклучувани. Благодат од гасификацијата, како од еколошки така и од економски аспект, очекува и директорот на гимназијата „Мирче Ацев“, Диме Настески.

„Речиси сите училишта се со застарени системи за загревање, кои трошат големо количество нафта, а ниту еколошкиот аспект не е на потребното ниво. Затоа, се надеваме дека меѓу првите институции што ќе бидат приклучени на гасоводната мрежа ќе бидат училиштата“, вели Настески.

Директорот на прилепската болница „Борка Талески“, Драги Богојески, очекува дека оваа институција ќе има значителен бенефит од замената на мазутот со природен гас, односно дека со воведувањето на гасификацијата болницата ќе заштеди големи средства при нејзиното затоплување.

„Ова е прва ваква средба, ние немаме направено некои детаљни пресметки за тоа колкава би била заштедата. Меѓутоа, во однос на количините мазут што ги трошиме на годишно ниво и во однос на енергетската ефикасност на гасот, за идниот период може да се пресмета колкава би била потрошувачката на гас и колкави би биле заштедите“, истакна Богојески.

Покрај евидентниот економски бенефит, додаваат од Општина Прилеп, употребата на природниот гас и развојот на гасификациониот систем во голема мера ќе придонесе и за намалување на емисијата на јаглероден диоксид, сулфурен двооксид и азотни оксиди во атмосферата, со што се заштитуваат природата и животната средина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП