20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШилегов: Средните училишта добиваат енергетско-ефикасни фасади

Шилегов: Средните училишта добиваат енергетско-ефикасни фасади

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, денеска го посети СУГС „Јосип Броз Тито“, каде што е во тек реконструкцијата на фасадата и на надворешната столарија на училишниот објект. Во училиштето се обновуваат и подовите, вратите на училниците, делови од атриумот, а се врши и адаптација на тоалетите за лица со физичка попреченост.

„Градот Скопје работи на решавање на проблемот со загадувањето и во летниот период кога никој не ги чувствува последиците од загадениот воздух. Штедењето на енергијата директно влијае на намалување на загадувањето. Зградите на 23-те градски средни училишта спаѓаат во редот на најголемите објекти во градот, а поставувањето енергетски ефикасни фасади во сите нив подразбира огромни заштеди на енергија и значително помали трошоци. Во таа насока во рамките на Програмата за енергетска ефикасност на градските установи 2018-2020 и Акцискиот план, кои ги изготвивме на почетокот на оваа година, во тек е реконструкцијата на фасадите на средните училишта во градот“, рече Шилегов.

Покрај реконструкцијата на фасадите, градоначалникот соопшти дека летово работи и на реконструкција на внатрешноста на објектите на средните училишта, и тоа онаму каде што е потребно. Шилегов додаде дека висината на вкупните средства за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари за 19 училишта, кои ќе добијат енергетско-ефикасни фасади, санирани покриви, надворешна столарија, подови, електрика и греење.

„Овие средства ги обезбедивме со пренамена на средствата предвидени за проектот „Скопје 2014“. Градот се грижи за сите граѓани еднакво, секој да има услови за нормално функционирање и живеење“, нагласи Шилегов.

Во тек се реконструкциите на фасадите на средните училишта „Димитар Влахов“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Никола Карев“, „Боро Петрушевски“, „Здравко Цветковски“, „Панче Арсовски“, „Сарај“, „Панче Караѓозов“ и „Михајло Пупин“. Заврши и тендерската постапка за реконструкција на фасадите на средните училишта „Марија Кири Склодовска“ и „Цветан Димов“, каде што деновиве ќе започнат градежните активности, а овие училишта ќе добијат целосно нови фасади.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП