30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПроблем за бизнисот - платите растат, а продуктивноста паѓа

Проблем за бизнисот – платите растат, а продуктивноста паѓа

Продуктивноста на работниците се намалила за 2.1% за една година, а просечните плати пораснале за 1.7%. Македонија е економски феномен – при стагнација на стопанството растат примањата на вработените. Со ова само се нарушува и онака слабата конкурентност, предупредуваат бизнисмените.

Слабата продуктивност на македонскиот работник е сериозен проблем за бизнисот. И покрај пониските плати компаниите не се доволно конкурентни за силниот европски пазар.

„Тоа е проблем за обезбедувањето на конкурентноста. Нашите компании претежно се насочени кон извоз зашто Македонија е мала и отворена економија и единствената опција за раст е наоѓањето на нови пазари надвор. Во услови кога трошокот за работна сила се зголемува без да се зголемува продуктивноста тоа значително негативно влијае на конкурентноста“, изјави Татјана Штерјова, Стопанска комора (СКМ).

Во 2017-та просечната плата пораснала за 1.7%, но во истиот период продуктивноста се намалила за 2.1%. Ова уште повеќе ја намали конкурентноста, велат бизнисмените кои објаснуваат дека дополнителен удар било зголемувањето на минималната плата на 12 илјади денари кое стартуваше во септември.

„Мора да работиме на продуктивноста што само по себе ќе доведе до зголемување на платите. Тогаш нема да биде проблем ни минималната плата па државата да треба да ја стимулира туку самите фабрики и самите работодавачи ќе можат тоа да го покријат кога ќе имаат добри резултати“, вели Александар Милошевски, Сојуз на стопански комори (ССК).

Бизнисмените објаснуваат дека проблемот е сериозен и повеќе слоен – на слабата продуктивност влијаат технологијата, квалификациите, но и менталитетот.

„Конкретно во мојата бранша, текстилот, главен проблем е застарената технологија која се применува. Тука е разликата. Мора да се работи на воведување на нови технологии, а за тоа ни се потребни пари. Има кредити со релативно ниски камати но роковите за враќање се прекратки. Потребни се сериозни мерки и државна стратегија за секторот“, вели сопственик на конфекција која вработува 150 луѓе во Штип.

„Ние имавме трансформација на нашето стопанството од социјалистичко во капиталистичко и нашите вработени се уште имаат остатоци од тој систем и од тоа време“, вели сопственик на фабрика за производство на делови за земјоделски машини.

Сосема друг проблем е недоволната квалификација на работниците. Ова особено важи за услужниот и индустрискиот сектор , токму онаму каде е забележан и најголемиот пад на продуктивноста.

Последните податоци на Народната Банка (НБРМ) покажуваат дека продуктивноста на трудот се намалила за дури 2.1% за една година. Ваквиот тренд беше забележителен преку целата година, а е резултат пред се на услужниот сектор и на индустријата.

„Неповолните остварувања се присутни од почетокот на 2017 година, по подолг период на одржување на овој показател во зоната на позитивни годишни промени“, наведува НБРМ во кварталниот извештај.

НБРМ продуктивноста ја пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени.

Бројот на вработени порасна, а економијата стагнираше – ова резултираше со ваквите негативни бројки. Истовремено просечната плата оствари раст со што пораснаа трошоците за компаниите.

„Растот на платите, при натамошен пад на продуктивноста, доведе до раст кај трошоците за труд по единица производ од 5.6%“ наведува НБРМ.

Македонија останува на дното од Европа според продуктивноста на трудот, а разликата уште повеќе се зголемува – додека повеќето земји оствариле раст, нашата измерила пад.

Македонија е на европското дно според продуктивноста на работниците. На речиси исто ниво е и Бугарија, а најдобро се рангирани Луксембург и Норвешка.

Според официјалните податоци на Евростат еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија.

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%. Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Во податоците ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП