Иранците денес се подготвуваат за повторно воведување на американските санкции додека траат протестите против економските тешкотии и корупцијата што ја ослабуваат владата на претседателот Хасан Рохани.
Во последниве неколку дена во неколку градови имаше спорадични протести и штрајкови како резултат на зголемената загриженост и чувството на лутина кон политичкиот систем.
Притисокот расте спроти враќањето на економските санкции од страна на Доналд Трамп по едностраното повлекување на Вашингтон од историскиот нуклеарен договор кој во 2015 година го постигнаа Техеран и големите сили.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео вети дека САД „ќе се погрижат санкциите да се почитуваат”, чиј прв бран ќе стапи на сила во вторник во 6:01 часот.
Овие мерки во голема мера би можеле да ја оптоварат економијата која е веќе во неволја, со висока стапка на невработеност и инфлација. Иранската валута ријал загуби речиси две третини од својата вредност за шест месеци.
Во обид да излезе од кризата, Рохани треба денес во телевизиски говор да го изнесе планот против падот на валутата и влијанието на санкциите.
Неговата влада најави олеснување на мерките, вклучувајќи го и ријалот. Менувачниците, затворени во април, треба повторно да бидат отворени, иако тие ќе бидат строго контролирани.
Под притисок од верски службеници да се дејствува против корупцијата, судските власти најавија апсење на заменик-гувернерот и шеф на одделот на менувачницата на Централната банка на Иран, Ахмед Арахшија, заедно со неколку други функционери и службеници.