19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Франкфурт – Германскиот инжинерски гигант Сименс во следните неколку години планира да укине уште 1000 работни места во енергетското одделение, пишува Франкфуртер алемајне цајтунг. Во почетната фаза компанијата ќе укине 340 работни места во погоните за енергетски решенија во Ерланген и Офенбах.

Амстердам – Американскиот суд во Мичиген ја отфрли тужбата на холандската автомобилска групација Спајкер против американскиот производител на автомобили Генерал моторс. Спајкер во август минатата година поднесе тужба против ГМ, обвинувајќи го дека со своите потези ја турнал шведската компанија Сааб во банкрот, за што се бараше оштета од 3 милијарди долари.

Атина – Руското повлекување во последната минута од купувањето на големата грчка гасна компанија ДЕПА, направи голема дупка во планираните годишни приходи на Грција, предизвикувајќи сомневање во врска со управувањето со дефицитот во следните шест месеци. Рускиот гигант Гаспром, одби да поднесе понуда за грчкиот државен дистрибутер на гас ДЕПА, наведувајќи ја како причина загриженоста во врска со финансиската одржливост на таа компанија. Бидејќи Гаспром беше единствен понудувач, овој тендер автоматски пропадна и ќе биде повлечен.

Токио – Централната банка на Јапонија БоЈ укажа на забрување на третата најголема светска економија и го одложи проширувањето на големата априлска стимулативна програма. Ова соопштение доаѓа само по еден ден откако податоците укажаа на раст на јапонската економија, поголем од очекуваниот, во првото тромесечје во 2013 година. – Јапонското стопанство бележи знаци на забрзување – наведено е во соопштението на централната банка, во кое исто така се вели дека капиталната потрошувачка на јапонските компании престанала да слабее.

Чикаго – Глобалната побарувачка на патнички авиони во следните 20 години ќе биде поголема од прогнозираната, благодарение на зголемената побарувачка во азиско-пацифичкиот регион, соопшти американскиот производител на авиони Боинг. Авионскиот сообраќај бележи експлозивен раст, при што бројот на патниците превезени годишно може дупло да се зголеми во следните две децении, оценува Боинг.

Токио – Многу јапонски производители на автомобилски делови во скоро време планираат да го прошират производството на територијата на Русија, пишува водечкиот јапонски деловен весник Никеи. Според весникот, компанијата Сано Индастријал, специјализирана за изработка на цевки за гориво, до крајот на оваа година има намера да отвори уште две фабрики покрај фабриката која од февруари работи во Тољати, а во 2014 година ќе ја опреми линијата во фабриката на концернот Нисан во Санкт Петербург. Вкупниот обем на инвестициите во проектите во Русија, Сано Индастријал го проценува на 3 милијарди јени (30,5 милиони долари).

Љубљана – Концернот Агрокор е подготвен на сопствениците на Меркатор да понуди 120 евра за акција, 10 евра повеќе од што изнесе во обврзувачката понуда во мај. Агрокор пред две години за акција на Меркатор нудеше 221 евро, а сегашната котација на акциите на Љубљанската берза е нешто помала од 90 евра. За согласност за продажба на своите акции во петок ќе одлучува надзорна Комисија на Пивоварна Лашко, која покрај Нова Љубљанска банка НЛБ, е најголем поединечен сопственик на словенечкиот трговски ланец.

Берлин – Најголемиот германски авионски превозник Луфтханза соопшти дека во мај евидентирал раст на бројот на патниците, додека бројот на летовите е намален поради празничните денови. Компанијата минатиот месец превезла 9,37 милиони патници, што е за 0,8 отсто повеќе во однос на истиот месец лани, додека бројот на летовите е намален за 4 отсто, на 90.934. Фирмата во чија сопственост се Остриан ервејз и СВИС наведува дека во мај бројот на патниците на летовите на Луфтханза е зголемен за 0,9 отсто, на 6,9 милиони.

Брисел – Оваа година за продажбата на автомобили во Западна Европа ќе биде најлоша во изминатите 30 години. Продажбата на автомобили ќе падне за пет отсто во однос на претходната година, на 11,89 милиони продадени нови автомобили, ја пренесоа белгиските медиуми студијата од Институтот во Дуисбург Кар центар аутомотив рисрч. Состојбата е посебно тешка во Франција, Италија, Шпанија, Португалија и Грција.

Москва, Амстердам – Советот на директори на компанијата Саут стрим транспорт, на состанок во Амстердам констатира дека реализацијата на морскиот дел од гасоводот Јужен тек се одвива според планот. На состанокот на кој учествуваше и претседателот на управниот одбор на Гаспром Алексеј Милер, разгледани се и прашања за почетокот на спроведувањето на тендерските процедури за купување на цевки и за услугите за поставување на првата линија на гасоводот. Советот на директори го утврди и го препорача на Собранието на акционери да го усвои финансискиот извештај на компанијата Саут стрим транспорт за 2012 година, наведено е во соопштението на Гаспром.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП