7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворена новата автобуска станица во Охрид, во неа инвестирани 7 милиони евра

Отворена новата автобуска станица во Охрид, во неа инвестирани 7 милиони евра

Премиерот Зоран Заев присуствуваше на официјалното отворање на новата автобуска станица на „Делфина турс“ во Охрид и на отпочнувањето на изградбата на новиот трговски центар во рамки на автобуската станица.Тој им честиташе на сопствениците на „Делфина турс“ за инвестицијата за којашто рече дека му овозможува на Охрид нов убав лик.

„Новата автобуска станица која денеска официјално стартува со работа ќе биде од огромна полза за Охрид и за охриѓани, но и за сите граѓани на Република Македонија, како и за сите туристи што ќе доаѓаат во овој град“, оцени премиерот Заев за оваа вкупна домашна инвестиција од околу 7 милиони евра којашто претставува ново обележје на Охрид.

Премиерот Заев порача дека и централната и локалната власт се определени на поддршка на сите квалитетни проекти со цел да се испрати порака за стабилност и сигурност за компаниите храбро да влегуваат во нови инвестиции.

„Мене ми е многу драго што ова е домашна инвестиција и навистина сум среќен за секоја домашна инвестиција којашто се реализира во нашата земја. Тоа е добро. Ваквите инвестиции овозможуваат приход на локално ниво, носат приход и на државно ниво, отвораат нови работни места, овозможуваат раст на платите за младите луѓе да остануваат овде да живеат, и испраќаат сериозна порака на охрабрување на сите потенцијални инвеститори“, истакна премиерот Заев.

Во своето обраќање тој оцени дека за пристапот до туристичката понуда на Охрид и на охридското крајбрежје е важна и реализацијата на останатите инвестиции во регионот, како комплетирањето на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, изградбата и рехабилитацијата на патот Кичево – Гостивар, како и плановите за изградба на нов пат Ресен – Охрид.

„Сакам да ве уверам да сметате на поддршката на вашата Влада и на локалната самоуправа. Ние сме овде да ве поддржиме во сите ваши планови и во сите ваши развојни можности за да имаме вин-вин ситуација за сите. Државата ќе добие инпут за поголем БДП, нови работни места, покачување на плати, а вие профит. Само така ќе овозможиме квалитетни услови за живот во нашата Македонија“, рече премиерот Заев, кој на крајот од своето обраќање на отворањето на новата автобуска станица упати апел до граѓаните да го посетат градот Охрид за кој рече дека е најубавото нешто што Македонија може да му го понуди на светот.

Домаќинот на настанот, сопственикот на „Делфина турс“, Аднан Исмаил, ги поздрави присутните гости и порача дека многу е важна поддршката што Владата на Република Македонија им ја пружа на инвеститорите и посебно ја нагласи зголемената доверба и оптимизам за инвестирање по добивањето на поканата за членство на земјата во НАТО и отпочнатиот процес на преговори со ЕУ.

Пред присутните гости се обрати и градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојановски, кој рече дека градот Охрид добива ново обележје коешто значајно ќе придонесе во зголемувањето на туристичкиот промет и изрази уверување дека во иднина многу нови инвестиции од ваков тип ќе придонесат за економски развој на градот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП