6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФЗОМ ја зголеми вредноста на капитациониот поен за избраните гинеколози

ФЗОМ ја зголеми вредноста на капитациониот поен за избраните гинеколози

Фондот за здравствено осигурување на Македонија, како резултат од разговорите и преговорите со Здружението на приватните гинеколози акушери на Македонија (ЗПГАМ), а во насока на повисоко вреднување на трудот на избраните гинеколози и зголемување на квалитетот на пружените здравствени услуги на осигурените лица, на последната седница на Управниот одбор донесе одлука, од први септември да ја зголеми вредноста на капитациониот поен за избраните гинеколози од 50,00 на 55,00 денари за секоја осигуреничка која извршила избор.

ФЗОМ, исто така, го зголеми финансискиот надоместок за избраните гинеколози кои вршат породување во породилиштата во здравствените домови во Република Македонија, а со цел обезбедување навремена здравствена заштита на бремените жени во местата каде нема гинеколошко- акушерски одделенија во болничките здравствени установи.

Со цел унапредување на статусот на избраните гинеколози во примарната здравствена заштита и потребата од нивно поголемо ангажирање за намалување на смртноста на новороденчињата и родилките во Република Македонија, Фондот го дополни Правилникот за начинот на плаќање на здравствените услуги во примарна здравствена заштита при што, за прв пат, се воведува вреднување на обезбедените здравствени услуги за бремени жени од избраниот гинеколог. Имено, основната капитација за гинеколозите кои следат бремена жена ќе се пресметува со тоа што ќе се множи со 2 поени, односно гинеколозите кои следат бремена жена ќе добиваат двојна вредност од капитацијата.

Ваквиот начин на пресметување на капитацијата за бремените жени ќе се применува за времетраење на бременоста, односно до завршување на породувањето, но не повеќе од 9 месеци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП