28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКрушево - меѓу историјата и сегашноста

Крушево – меѓу историјата и сегашноста

Крушево несомнено е еден од највисоките градови на Балканот, распослан на 1250 метри надморска височина. Градот гордо и секогаш го носи историскиот печат – Првата Република на Балканот. Корените, како град, му ги врзуваат во 18 век со доаѓањето на сточарите – власи, но писмените докази, настанокот на Крушево, го поврзуваат и со 15-от век. Без разлика на историските разногласија, единствен е заклучокот: Крушево е град на различности и најпознат по илинденските настани. И пред 1903 година. Оттука – Крушево е симбол на непокорот.

Крушево засекогаш ќе го носи „жигот“ на историјата. На зачетокот на единството на дел од балканските националности (преку Крушевскиот манифест). Историската улога му е вечно загарантирана. Крушево е и град на музеите ( седум се на број: Музејот на Илинденското востание, Споменичниот комплекс „Илинден“, Галеријата „Никола Мартиноски“, Музејот „Леарница“, Галеријата на икони „Свети Јован“, Музејот на НОБ, и последниот- Спомен-куќата на Тодор Проески“).

Но, какви му се на Крушево сегашноста и навесувањата за иднината?

Прошетката низ крушевските маала, а посебно низ чаршијата полека ја оформуваат сликата за денешно Крушево. Уште повеќе разговорите со крушевчани.

Првиот впечаток е – тука се создавала историјата. Се задржале архитектонските посебности на градот – од оригиналноста на мијачките мајстори, до современата рака на неимарот во туристичките објекти и капацитетите. Но, главниот крвоток е крушевската чаршија.

Крушево се одредува како град што, со сите други македонски градови, ја дели иселеничката судбина. Со години младите заминуваат од закрилата на Коријата. Колку и да е излитена фразата „по подобар живот“, за Крушево е повеќе од вистина. Младите заминуваат во другите македонски градови: Битола, Прилеп, најмногу во Скопје, а за надвор од државава, нема дилема. Статистиките покажуваат дека од поранешните преку 5.000 жители (само градот, не и општината), сега има околу 3.500. И пак статистики: од поранешните стопански капацитети: „Илинденка“, „Крушевскта златарница“, „Монополот“ …. речиси и нема траги. Процентите на невработеност го делат македонскиот просек. Сега се отворени некои нови фабрики, но тие вработуваат мал број крушевчани. Нема болница, па би рекле, најголемиот број новородени се со место на раѓање од Прилеп, или Битола. Така е со децении. Локалните градски власти настојуваат да ја прикажат стопанската активност.

– Грчката компанија „Секе“ ги гради своите капацитети за преработка на тутун во индустриската зона „Опаленик“, американската фирма „Фајф летерс“ вработува 40 крушевчани за одгледување и преработка на марихуана за медицински цели, а се гради и капацитет на „Еко шар“ кој од наредната година ќе почне да вработува, нагласуваат локалните власти во Крушево.

Но, секојдневието и животното искуство го научиле Јани Нане, седнат пред семејниот дуќан во Крушево, да биде реален песимист. Вели, неговите предци, уште од „турско“ се дел од крушевската чаршија. Неговата месарница и занаетот ќе изумрат со него.

– Од дедо-прадедо, уште од „турско време“ сме во чаршијата познати месари. Повеќе од еден век сме во крушевската чаршија. Ама јас за шест месеци заминувам во пензија и нема кој да ме наследи. А во чаршијата бев 40 години. Имам две ќерки и со мене занаетот изумира. Тешко е и за младите во Крушево. Кризно време е. Младите се иселуваат отсекаде, така и од Крушево. Ние постарите остануваме. Кој како ќе се снајде. Ама, мака ми е што немам наследници. Толку е, вели крушевчанецот Нане со нота на конечност во својот глас.

Нане смета дека заминувањето на младите е како мода.

– Еден ќе слушне дека друг заминал, и, тој тргнува по својот пат. За подобар живот. Како помодарство стана. Дојде време – кој како што може да се снајде – така прави. Сега, за празникот, има туристи, добро е. Ама толку. Имаше од цел свет за натпреварите во летање, ама кратко трае. Крушево сите го сакаат за два, пет дена, и потоа – сите го забораваат, меланхолично одговара крушевчанецот Јани Нане.

Тоа се камчињата во „мозаикот“ на крушевското живеење. Крушево може да понуди многу во туризмот. Тука надежите на крушевчани малку живнуваат. Оние што ги имаат наследените староградски куќи ги адаптираат за туристи, други отвораат простор за сместувачки капацитети. Најавата е Крушево да не биде само зимски туристички центар, туку за четири сезони. Оваа лето да има и преку 15.000 туристи, особено што, овој период туристите од целиот свет го раздвижуваат градот. Авантуристичкиот туризам ги прави разговорите во крушевската чаршија живописни. На повеќе светски јазици. Светски, европски првенства (штотуку завршија во змејарство, односно во летовите со делта-план), потоа августовските европско-клупски натпреварувања во параглајдерство и големиот празник Илинден, му даваат живот на Крушево.

Во крушевската чаршија најбројни деновиве се пензионерите и туристите. Првите се жалаат дека Крушево станал викенд-туристички град и за самите крушевчани, а за другите е рај за авантурустичкиот туризам. Поради светското и европското првенство во земјарство (летање со делта план), светските пилоти, авантуристите и туристите се воодушевени од она што го нуди Крушево.

Стефан Малбос, од Интернационалната воздухопловна федерација, вели дека првенствата беа одлично организирани, а Крушево е во врвот на светските топ-дестинации за летови со параглајдер и со делта план.

-Организацијата и на Светското и на европското првенство во змејарство беше одлична. Крушево е препознатливо и барано, зашто нуди одлични перформанси за овој вид спортови. За време на првенствата временските услови беа многу добри. Имаме одлични светски шампиони и пилотите се среќни што беа во Крушево. Ова е втор пат Крушево да е домаќин на вакви врвни натпреварувања и сѐ беше одлично, ни изјави Малбос.

Волвган Коткасер од Австрија го водеше својот национален тим и ги понесоа нависоките одличја на првенствата.

– Ова место е едно од најдобрите во светот за вакви натпреварувања. Безбедно е, а луѓето се многу гостопримливи. Немавме никакви инциденти. Многу ми се допаѓа, рече Коткасер.

А како размислуваат младите крушевчани кои не сакаат многу да ги споделуваат своите размислувања во јавноста. Според крушевчанецот Владимир Златески, за младиот човек, дали е крушевчанец или од другите градови, ова се тешки времиња. Во крушевски услови на одредена излолираност, е уште потешко.

– Нема некои услови за работа. Можеби по подолг период сега има некоја раздиженост. Се појавува некаква надеж. А моите планови? Сакам да ги гледам младите во Крушево, да останам во родниот град. Се надевам дека ќе „излезе“ некоја работа, егзистенција, ќе видиме, вели Златески.

Златески има порака до своите сограѓани:

-Да се потрудиме да го заживееме градот, убаво место за живот е. Ако останеме, има иднина за Крушево, опстимистично порачува младиот крушевчанец Златески.

Крушево го следи својот животен ритам. Низ историјата, но и низ сегашноста, до иднината. Врзано за големиот празник Илинден, Крушево со исконска желба е да ги привлече своите жители, а и туристите да бидат дел од неговото современо живеење: „10 дена Крушевска Република, прославата на Илинден на Мечкин Камен, поранешната манифестација „Крушево-етно град“, сега насловена „Крушево-град на историјата, културата“ настојуваат да ги соберат жителите, туристите да го видат историско Крушево, секој од свој агол – како вечен и значаен историски симбол, но и како место за развој и сигурен дом за младите крушевчани. Намерите се добронамерни – пречките се дел од современото, финансиски несигурното, современо живеење. Но, историско Крушево, ги чека, своите нови мигови на слава. Овојпат, стопански. И туристички.

Елизабета Митреска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП