18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРесурсен центар ќе оценува каква општествена промена постигнуваат граѓанските организации

Ресурсен центар ќе оценува каква општествена промена постигнуваат граѓанските организации

Ресурсен центар за оценување и известување на граѓанските организации денеска промовираше Асоцијацијата за развојни иницијативи – „Зенит“.

Беа презентирани прирачници и е-алатки за граѓанските организации кои ќе им користат во следење на нивната работа и оценување на нивната успешност, а ќе придонесат и кон подобро известување на граѓаните за нивната работа и какво влијание остваруваат во општеството.

„Реалната состојбата во граѓанскиот сектор во Македонија говори дека граѓанските организации се соочуваат со проблеми да ја прикажат општествената промена која ја постигнуваат пред пошироката публика. Преку истражување на светски признати пристапи, беше развиен оптимален модел за набљудување, оценка и известување за граѓанскиот сектор во Македонија, со цел да ги унапреди капацитетите на граѓанските организации во Македонија за информирање на јавноста за резултатите од нивната работа“, истакнуваат од „Зенит“.

Преку Ресурсниот центар, граѓанските организации во Македонија ќе се запознаат со најдобрите практики и реномирани модели за набљудување, оценка и известување, што значително ќе им помогне во подобрување на нивната организациска поставеност и односот кон надворешните соработници како медиумите, донаторите, граѓаните, бизнис секторот и државните органи.

Промоцијата е завршен настан на проектот „Нема подобрување без мерење – иновативен модел за набљудување, оценка и известување за граѓанскиот сектор во Македонија“, спроведуван со поддршка на Цивика мобилитас. Целта на проектот беше унапредено управување со граѓанските организации во Македонија и подобрена способност да
мобилизираат ресурси и конституенти за промовирање општествена промена.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП