30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНационалните телевизии лани со најмал приход во последните 5 години

Националните телевизии лани со најмал приход во последните 5 години

Во 2017 година петте национални телевизии кои емитуваат програма на државно ниво (ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат-М и ТВ Алфа), оствариле вкуен приход од 1,071.89 милиони денари. Ова го покажа Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2017 година, која ја објави Агенцијата за медиуми.

Ова е најмал износ на вкупните приходи на овие пет телевизии во последните пет години. Во споредба со претходната година приходите се пониски за 2,65%. Повисоки приходи отколку во 2016 година остварила само ТВ Телма (за 31,02%).

Највисоки приходи од рекламирање повторно остварила ТВ Сител во износ од 416,05 милиони денари, односно 43,40% од вкупните приходи за реклами и телешопинг на овие пет телевизии.

За плати и други надоместоци на лица кои се дирекно поврзани со производство на програма телевизиите издвоиле 261,45 милиони денари што е 25,47% од вкупните трошоци на работењето.

Во структурата на приходите, најзначајно учество имале приходите од продажба на времето за рекламирање (87,10%). Во 2017 година, просечниот број на вработени во редовен работен однос кај овие пет телевизии бил 612 лица. Од нив најмногу вработени биле во ТВ Канал 5 (151 лице).

Во 2017 година програма на државно ниво преку сателит емитувале пет телевизии – ТВ 24 Вести, ТВ Канал 5 Плус, ТВ Наша ТВ, ТВ Сонце и ТВ Сител 3. На почетокот на 2018 година ѝ беше одземена дозволата за емитување програма на Сител 3, поради неплатен надоместок во законски утврдениот рок.

Процентуалното учество на приходите на сателитските телевизии во вкупните приходи на комерцијалните телевизии било многу мало (4,53%). Позначајни приходи остварила само телевизијата 24.

Приходите на МРТ во анализираната година изнесувале 1.037,49 милиони денари, што е најнизок износ во последните пет години. Согласно законските измени од септември 2017 година, во последниот квартал од годината од Буџетот на сметката на МРТ ѝ биле префрлени 149 милиони денари, или 14,36% од вкупните приходи.

Во 2017 година, за остварување на функцијата на јавен радиодифузен сервис, ХРТ располагала со 11 пати повеќе средства од МРТ, ТВСЛО со седум пати повеќе, а РТС со пет и пол пати повеќе средства отколку МРТ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП