9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочна изградбата на нова фабрика на компанијата „Мурат Тиџарет“ во ТИРЗ Скопје...

Почна изградбата на нова фабрика на компанијата „Мурат Тиџарет“ во ТИРЗ Скопје 2

Означен е почетокот на изградбата на нова фабрика на компанијата „Мурат Тиџарет“ во ТИРЗ Скопје 2. Висината на планираната инвестиција изнесува речиси 7 милиони евра и првично ќе бидат отворени 300 нови работни места.

На свеченоста денеска присуствуваа претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и министрите Аднан Ќахил, Зорица Апостолоска и Зоран Шапуриќ.

Заев во своето обраќање истакна дека Македонија се движи во посакуваната насока, се зголемуваат довербата и оптимизмот во македонската економија и дека оваа инвестиција ќе биде четврта по ред инвестиција на турска компанија во ТИРЗ Скопје 1 и 2.

„Новите инвестиции што ни доаѓаат од пријателска Република Турција за Република Македонија се многу значајни. Во ТИРЗ Скопје 1 и 2 оваа инвестиција ќе биде една од четирите инвестиции на турски компании. Ние сме многу среќни поради тоа. Интересот за нови инвестиции на турските компании во Република Македонија расте и од тие причини продолжуваме да ја интензивираме и унапредуваме економската соработка меѓу двете земји кои негуваат традиционално долгогодишно децениско пријателство“, порача премиерот Заев во своето обраќање.

Пред присутните гости свое обраќање имаше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој истакна дека Владата во стопанството гледа стабилен партнер, а дека преку поддршка на домашните и странските компании ќе се придонесе за побрз развој на економијата и создавање подобри услови за живеење на македонските граѓани. Тој нагласи дека постои голем интерес на компании од Република Турција за инвестиции и дека неодамнешната посета на 40-ина уредници од турски медиуми дополнително ќе влијае на зголемувањето на интересот.

„Трговската размена помеѓу двете земји во 2017 година надмина 400 милиони евра, а во првите 5 месеци од 2018 година, во споредба со истиот период лани, трговската размена е зголемена 12 отсто, а радува што и извозот од Македонија кон Турција е зголемен за истиот процент. Вкупните инвестиции од Турција надминуваат над 250 милиони евра, при што голем број турски компании, освен во ТИР-зоните, успешно работат во финансискиот сектор, преработувачката индустрија, текстилниот сектор, трговијата и во други економски гранки “, нагласи Анѓушев.

Свое обраќање имаше и минситерот за финансии, Драган Тевдовски, кој зборуваше за издвоените средства во буџетот на Република Македонија за поддршка на инвестициите.

„Влезот на ‘Мурат Тиџарет’ во Македонија е вин-вин ситуација и за инвеститорот и за државата. Македонија има придобивки и за граѓаните и за економијата, односно за бизнисот. Владата не само што поддржува отворање нови работни места туку се залага и за подобро платени работни места. Имено, државата ќе врати 20 отсто од нето-платата за сите нововработени во компанијата, но само под услов тие да земаат плата поголема од 18.000 денари“, истакна министерот Тевдовски и посочи и дека инвеститорот има придобивка во едуцирана работна сила и поволна бизнис-клима.

Министерот задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, зборуваше за потребата од зголемување на економската соработка помеѓу двете пријателски земји, Република Турција и Република Македонија, кои негуваат традиционално блиско пријателство.

Директорот на компанијата „Мурат Тиџарет“, Шахан Гора Тиџарет, најави почнување со работа на фабриката во 2019 година и ги нагласи очекувањата на менаџментот дека со својата работа оваа компанија ќе придонесе кон севкупниот економски развој на земјата, но и на регионот.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Александар Младеновски, информира за активностите на Дирекцијата и подетаљно ја претстави новата инвестиција на „Мурат Тиџарет“, која ќе произведува кабли и електрични инсталации за автомобилската индустрија, а производството ќе биде наменето за европскиот пазар и САД.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП