Европската комисија се подготвува да воведе царина за американски стоки во вредност од 20 милијарди долари, ако Вашингтон воведе давачки врз увоз на автомобили, изјави еврокомесарот за трговијата Сесилија Малмстром пред шведскиот весник „Dagens Nyheter“.
„Се надеваме дека ова нема да се постигне и дека ќе најдеме решение. Ако не, Комисијата подготвува прилично долга листа на многу американски стоки. Тие ќе бидат во вредност од околу 20 милијарди долари“, изјави Малмстром, цитирана од „Ројтерс“.
Евентуалните нови европски давачки нема да бидат насочени против одредени американски држави, додаде еврокомесарот. „Не станува збор за повеќе општи стоки, како земјоделски производи, машини, високо-технолошки производи и други работи“, рече таа.
Малмстром изјави дека не го смета за сериозно предлогот на американскиот министер за финансии Стивен Манучин за укинување на царинските и нецаринските бариери во трговијата и субвенциите, бидејќи САД имаат закони и субвенции кои ја штитат американската индустрија.
„Се обидовме при преговорите за трансатлантското партнерство за трговија и инвестиции (ТПТИ) да ја натераме САД да ги ублажат овие закони. Тоа беше сосема невозможно, тие не се помрднаа ни милиметар“, истакна Малмстром.
Таа е дел од делегацијата на ЕУ во Вашингтон, која ќе одржи разговори за долгорочен трговски договор. „Генерално сум оптимист за овие разговори, сепак сум умерен оптимист. Но, секогаш мора да се обидеме“, истакна Малмстром.