Американската царина за увозот на автомобили ќе го намали германскиот бруто домашен производ (БДП) за околу 6 милијарди евра (6,99 милијарди долари), посочи денеска претседателот на Здружението на германските трговско-индустриски комори (DIHK) Ерик Швајцер, цитиран од „Ројтерс“.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп беше подложена на силни критики вчера поради плановите да наметне давачки до 25 проценти за увоз на автомобили и автомобилски делови.
Мерката може да ги крене цените на автомобилите да наштети на продажбата и да го намали бројот на работни места во секторот, предупредија претставниците на индустријата.
Швајцер изјави за телевизијата „ZDF“ дека ги прифаќа заканите на Трамп како „многу сериозни“ и додаде дека таквите давачки ќе се во спротивност со меѓународното право.
Според него царините не само што ќе доведат до загуба на работни места во Германија и Европа, но и ќе влијаат вработувањето и инвестициите во САД.