29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПуштена во употреба пречестителна станица во Радовиш

Пуштена во употреба пречестителна станица во Радовиш

Со средства од ЕУ ИПА-фондови, денеска беше пуштена во употреба пречестителна станица за третман на отпадни води во Радовиш.

На отворањето присуствуваа претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски, министерот и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки и Јани Макрадули.

Во присуство на шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, амбасадорот Семуел Жбогар, директорот на WTE/ЕВН груп, Вернер Казагранде, градоначалникот на општина Радовиш, Герасим Конзулов, и други гости, владините претставници ги истакнаа клучните придобивки од овој проект којшто ќе опслужува 25 000 граѓани од овој крај.

„За само неколку месеци успеавме да комплетираме и пуштиме во употреба 4 пречистителни станици во градовите Струмица, Кичево, Прилеп, Радовиш, проекти финансирани од ИПА-фондовите и дел од буџетски средства. Ме радува посветеноста и темпото на брза реализација со кои локалните самоуправи и државните институции пристапуваат во реализација на проектите финансирани со ИПА-средствата. Сакам и во иднина да охрабрам уште поинтензивно работење во реализација на ИПА-проектите. Тоа покажува дека Република Македонија решително и забрзано чекори на европскиот пат. Што би рекол амбасадорот Жбогар – возот на Македонија веќе се движи кон ЕУ!“ истакна Заев.

Тој додаде дека наводнувањето на земјоделските површини ќе се врши со чиста и здрава вода, што е предуслов за производство на здрава храна, а во Радовишката Река нема повеќе да се одлеваат отпадни води, туку пречистена вода од станицата.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, во своето обраќање истакна дека „настојуваме што е можно повеќе да ја зголемиме искористеноста на претпристапните фондови во вид на грант-средства од Европската Унија. Заклучно 2017 година имаме висок степен на реализација на ИПА, кој се искачи на високи 83%. Минатата година имавме историска највисока реализација на ИПА-средствата, речиси двојно повисока во однос на претходните години. Годинава ги финализиравме најкрупните проекти финансирани преку ИПА, како Демир Капија-Смоквица и пречистителните станици.“

Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, истакна дека „Овој финализиран проект претставува продолжение на многу проекти спроведени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање со цел да се подобрат еколошките стандарди и условите за поздрав живот за граѓаните на оваа општина. Актот на завршувањето на овој проект претставува особена важност во исполнување на законските обврски, како и реализирањето на поставените цели за подобрување на квалитетот на водите на Радовишката Река. Со тоа директно се влијае во подобрувањето на квалитетот на еколошките, санитарните и сите други општествени услови во регионот.“

Овој проект, финансиран од ИПА-фондови и дел од буџетски средства од државата, со вкупна вредност од околу 5 и пол милиони евра, вклучува нова пречистителна станица за третман на отпадни води, ревитализирана и проширена примарна канализациска мрежа, како и колектори и нов пристапен пат во општината Радовиш, со што се решава проблемот со отпадните води, а се намалува и надземното и подземното загадување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП