17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАССК: Странски инвестиции со фокус на заеднички вложувања

ССК: Странски инвестиции со фокус на заеднички вложувања

Подобрување на деловниот амбиент преку интензивирање на соработката на домашни и странски инвеститори во земјата, со посебен акцент на важноста од влез на компании кои користат повисоки технологии со оглед на лимитираните можности и ресурси на малите и средни претпријатија за вложување во истражување и развој, како и квалификувана работна сила која ќе одговори на потребите на пазарот на труд се темите на кои дискутираа потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Александар Милошевски, и членовите на Управниот одбор со Зорица Апостолска, министер за странски инвестиции во Владата на Република Македонија.

„Влезот на компании кои ќе користат технологии со повисока вредност значи зголемување на продуктивноста, а со тоа и зголемување на стандардот. Македонските компании и младите претприемачи имаат навистина одлични иновативни идеи, што можевме да го видиме и проектите кои добија грантови на Фондот за иновации и технолошки развој. Финансиската поддршка и инвестицијата во нив ќе значи раст на продуктивноста и конкурентноста“, изјави Милошевски и ја истакна потребата од заедничка инвестиција во проектни активности на странските со домашните инвеститори со цел да се овозможи нивен натамошен раст и развој.

Апостолска ја истакна важноста од соработката на домашните и странските инвестиции, како и можностите од новиот Закон за финансиска поддршка на инвестиции во правец на поставување цврста правна рамка, со која освен поддршка за инвестициите и конкурентноста, на компаниите им се дава сигурност. Таа додаде дека со поканата за пристапни разговори за членство во НАТО деловната клима во земјава добива стабилност и безбедносни гаранции, што се главните предуслови за преземање сериозни деловни потфати или инвестиции од страна на компаниите.

На состанокот стопанствениците во Сојузот од сите сектори понудија интензивирање на соработката со стопанството со цел заедничка работа на оваа проблематика. Исто така, беше нагласено дека технолошко иновативните процеси на компаниите им овозможуваат да се специјализираат, да ги исполнат меѓународните стандарди за најдобри практики, да го надградат квалитетот, да ги намалат трошоците и најважно од сè да отворат нови работни места.

Последните податоци на Народната банка на Република Македонија покажуваат дека продуктивноста на трудот се намалила за 2.1 процент за една година. Ваквиот тренд беше забележителен преку целата година, а е резултат пред сè на услужниот сектор и на индустријата. Продуктивноста се пресметува по формулата сооднос меѓу бруто домашниот производ и бројот на вработени. Според податоците на „Еуростат“, Македонија е меѓу најнепродуктивните земји. Само соседна Бугарија е речиси исто рангирана како Македонија. Податоците на „Еуростат“ кажуваат дека еден работник за еден час во земјава создава само 42.9 проценти додадена вредност од просекот што го прават работниците на ниво на Европската Унија. Доколку се направи компарација, најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2 проценти од просекот, па Норвешка 152.5 отсто и Швајцарија со 122.5 проценти. Романија има 56.3 проценти, Хрватска 73.1, Словенија 79.8 и Грција 87.1 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП