5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Москва се загрижени поради санкциите на САД против „Северен поток 2“

Во Москва се загрижени поради санкциите на САД против „Северен поток 2“

Барањата на САД за санкции против компаниите кои учествуваат во проектот за проширување на „Северен поток“, ја загрижува Москва, станува јасно од интервјуто на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од агенциите.

Според него, санкциите против проектот ќе бидат „очигледен пример за нефер и нелојална конкуренција“.

Песков додава дека „Северен поток 2“ е меѓународен проект и не и припаѓа ниту на Германија, ниту на Русија. „Тоа е меѓународно заедничко вложување, во кое има многу акционери, многу големи компании од различни земји“, објасни портпаролот на рускиот претседател.

„Се разбира, кога се закануваат на овие акционери или ги заплашуваат Русија и Германија со санкции при реализација на проектот, тоа доведува до сериозна загриженост“, додаде Песков.

Според него, сепак проектот едвај ќе биде една од темите на претстојната средба меѓу претседателите на САД и Русија подоцна денес. Владимир Путин и Доналд Трамп ќе разговараат во финската престолнина Хелсинки во претседателската палата, во која во 1990-та година разговараа Џорџ Буш и Михаил Горбачов, потсетуваат светските агенции.

Ова е прва официјална средба во четири очи, која ќе ја имаат двајцата, откако неколку пати разговараа во рамките на меѓународните форуми. Очекувањата се двајцата да разговараат за ситуацијата во Сирија и Украина, како и ширењето на нуклеарното оружје.

Во минатата недела Доналд Трамп остро ја критикуваше Германија во врска со „Северен поток 2“ и зависноста на земјата од Русија во енергетскиот сектор. Американскиот претседател коментира дека проектот не е добар за Европа и ја повика НАТО да обрнат внимание на случајот.

Руската „Газпром“ е главен акционер во „Северен поток 2“, но пет западни компании имаат финансиски инвеститори во гасоводот – „Shell“, „OMV“, „Uniper“, „Wintershall“ и „Engie“. На крајот на јуни проектната компанија „Nord Stream 2 AG“ соопшти дека веќе ги свртела половина од потребните средства за изградба, а останатите пари треба да бидат собрани од пазарот.

Прашањето за „Северен поток 2“ најверојатно ќе биде дискутирано за време на претстојната средба меѓу ЕК, Русија и Украина, закажана за 17-ти јули.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП