20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Њујорк – Американската компанија Гугл ќе ја купи израелската компанија Вејз за 1,1 милијарда долари, специјализирана за бесплатна навигација на мобилните телефони. Со оглед дека потрошувачите се оддалечуваат од персоналните компјутери и се префрлуваат на смартфони и таблет уреди, компаниите как Фејсбук и Гугл се обидуваат дополнително да се развиваат на мобилните платформи.

Берлин – Членот на управниот одбор на Европската централна банка ЕЦБ, Јерг Асмусен, предупреди дека укинувањето на програмата за купување на обврзници на ослабените членки на ЕУ ќе има негативни последици. Во Сојузниот уставен суд на Германија денеска и утре ќе се одржи сослушување по повод критиките на сметка на спасувачкиот фонд на еврозоната, во чиј тек судиите исто така ќе ја разгледаат ланската понуда на ЕЦБ да купи неограничена количина на владини обврзници, со што би се намалиле трошоците на задолжувањата на тие земји.

Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека земјите на ЕУ мора да го следат примерот на Германија во стегањето на буџетот и реформите на пазарот на трудот, за да го повратат растот. Додека европските лидери се обидуваат да излезат од рецесија и да се изборат со рекордната невработеност, Меркел ги пофали напорите на Германија во задржувањето на стабилноста на економијата во текот на кризата, наведувајќи дека 17 членки на еврозоната мора да го задржат рецептот на буџетската дисциплина и развивањето на конкурентноста. – Во голем интерес на Германија е да направи се, да можат да стапат на сила структурните реформи и буџетската дисциплина во другите земји – изјави Меркел.

Пекинг – Растот на продажбата на автомобили во Кина успори во мај како последица на слабото зајакнување на втората најголема светска економија, соопшти кинеската идустриска групација. Продажбата на автомобили во Кина во мај, на годишно ниво порасна за 9,8 отсто на 1,76 милиони единици, во однос на априлскиот двоцифрен раст од 13,4 отсто, соопшти Кинеското здружение на производители на автомобили. Меѓутоа, тие податоци за продажбата на автомобили во првите пет месеци оваа година се нешто подобри, укажувајќи на годишен раст на продажбата од 12,6 отсто на 9,93 милиони возила, наведено е во соопштението на тоа здружение.

Токио – Јапонското стопанство во првото тромесечје порасна над очекувањата, покажаа објавените ревидирани податоци на владината Канцеларија за статистика. БДП на Јапонија трета светска економија, во периодот јануари-март пораснал по годишна стапка од 4,1 отсто, што е повеќе во однос на прелиминарните податоци од 3,5 отсто. – Ревидирањето на податоците најмногу потврдува дека јапонската економија останува на патот на јакнење – изјави економистот на Јапонскиот истражувачки институт, Хидеки Мацумура.

Москва – Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека стопанскиот раст на Русија оваа година ќе падне под светскиот просек и ја повика владата да делува за да го направи пресврт на овој тренд. Коментарите на Путин доаѓаат само по неколку часа откако централната банка на Русија одлучи девети месец по ред референтната каматна стапка да ја задржи на непроменето ниво од 8,25 отсто, во услови кога инфлацијата скокна на највисоко ниво во последните 21 месец. Путин на седница на владата потврди дека стопанскиот раст на Русија ќе успори на 2,4 отсто во оваа година од претходно прогнозираните 3,6 отсто.

Берлин – Германија повика на брзо пронаоѓање на решение за трговските тензии меѓу ЕУ и Кина, кои можат да доведат до царина во Кина на дел на увозот на европските автомобили. Берлин и порано ги повикуваше Европската комисија и Кина да најдат пријателско решение низ преговори за трговијата и се надева дека наскоро ќе се најде такво решение, рече за новинарите во Берлин портпаролот на германското Министерство за економија. Фактот дека ЕК и Пекинг покренаа преговори, портпаролот го нарече прв чекор кон успех.

Лондон – Советникот на египетскиот претседател Исам ел Хадад, го обвини ММФ дека одолговлекува со давање на кредит на Каиро во износ од 4,8 милијарди долари, пишува лондонскиот весник Фајненшел тајмс. Ел Хадад наведе дека Египет ги завршил сите потребни задачи, вклучуваќи го и планот за намалување на субвенциите и реформата за даночниот систем. Сега топката е на страна на ММФ, меѓутоа постојано се појавуваат нови предизвици. Според Ел Хадад, ММФ бара поширока поддршка и согласност од политичките сили во Египет. Весникот ги цитира западните дипломати кои рекле дека ММФ нема да потпише согласност за кредит, пред одржување на парламентарните избори.

Њујорк – Меѓународната бонитетна агенција Стандард и Пурс го потврди кредитниот рејтинг на САД на ниво АА+, зголемувајќи ја прогнозата на рејтингот од негативна на стабилна. – Верувам дека американските монетарни власти се и способни и подготвени за стабилен економски раст и да ги ублажат евентуалните стопански и финансиски шокови – наведе Стандард и Пурс. Меѓутоа, агенцијата и покрај зголемувањето на прогнозата, не го зголеми нивото на кредитниот рејтинг на САД, кое беше намалено од максималните ААА пред две години, наведувајќи дека Вашингтон и понатаму има високо ниво на јавен долг, како и дека идеолошките поделби меѓу политичарите го спречиле креирањето на долгорочниот план за решавање на проблемите на буџетскиот дефицит.

Париз – Францускиот производител на гуми Мишелин, соопшти дека поради падот на побарувачката во Европа, ќе престане да произведува камионски гуми во една од своите француски фабрики до 2015 година, со што без работа ќе останат 700 работници. Компанијата наведе дека ќе престане да произведува камионски гуми во фабриката Жу ле Тур во западна Франција и ќе го концетрира производството во фабриката Рош сир Џон, исто така на запад. Годишното производство во фабриката Рош сир Џон од сегашните 800.000 ќе порасне на 1,6 милиони до 2019 година, а ќе бидат отворени околу 170 нови работни места – наведе Мишелин. Компанијата додаде дека од 930 моментално вработени во фабриката Жу ле Тур, работата ќе ја задржат само 200 работници.

Москва – Јужнокорејскиот производител на автомобили Киа оствари раст на продажбата во Русија во првите пет месеци оваа година за 4,7 отсто, на 77.329 возила. Како што соопшти компанијата, лидер по обем на продажбата и понатаму е моделот Киа рио, со 36.189 автомобили и годишен раст од 5,8 отсто. Продажбата на кросоверот спортиџ е зголемена за 3 отсто, на 13,248 автомобили.

Франкфурт – Барањата за исплата на осигурување од германското осигурително здружение Алијанц поради поплавите во Германија, Австрија и Чешка ќе достигнат 460 милиони евра, оценија аналитичарите на банката Џ. П. Морган. Поплавите во Германија ќе ја чинат Алинац 350 милиони евра, што е нешто над 330 милиони евра, колку што беше исплатено по поплавите во 2002 година, наведе во извештајот за клиентите аналитичарот на Џ. П. Морган, Михаел Хутнер. Тој додаде дека вкупните трошоци ќе бидат веројатно 460 милиони евра, вклучувајќи ја сумата од 110 милиони во Чешка и Австрија. Вкупните трошоци во 2002 година беа 710 милиони евра, потсетува словачката агенција Сита.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП