7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕК ќе ја следи грчката економија со извештаи на секои три месеци

ЕК ќе ја следи грчката економија со извештаи на секои три месеци

Европската комисија објави дека усвоила одлука за спроведување на подобрената рамка за надзор на Грција. На овој начин треба да се поддржи спроведувањето на договорените реформи по успешното завршување на програмата за поддршка на стабилноста на линијата на Европскиот механизам за стабилност (ЕМС), соопштија од прес-службата на ЕК.

На 20-ти август треба да заврши третата по ред спасувачка програма на Грција, која користи помош од своите европски и меѓународни кредитори од 2010-та година.

Одлуката на Комисијата го олеснува процесот на нормализација во Грција, така што го зајакнува постигнатиот напредок и исто така ќе помогне за исполнување на преземените реформи, посочуваат уште од ЕК.

„Новиот почеток за Грција ќе биде промовиран на 20-ти август. За земјата е важно да продолжи да ги применува претпазливите фискални и макроекономски политики, како и да ги заврши договорените реформи“, изјави заменик-претседателот на ЕК задолжен за еврото и социјалниот дијалог Валдис Домбровскис. Според него зајакнатиот надзор се воведува за да се помогне на Грција да ја добие довербата на пазарите, инвеститорите и компаниите, кои сите сакаат „стабилност и предвидливост“.

Одлуката за зајакнатиот мониторинг доаѓа откако на седницата на Еврогрупата на крајот на јуни беше потврдено дека Грција ги исполнила сите претходни активности во рамките на четвртиот и последен преглед и ќе добие олеснување на долгот.

Мониторингот е рамка за надгледување по затворањето кој ќе обезбеди увид во економската, фискалната и финансиската ситуација во Грција. Од Комисијата велат дека усогласувањето на рамката во акција се наметнува поради долгиот карактер на кризата, пред која беше соочена Грција, задолженоста на земјата, потребата од продолжување на структурните реформи, насочени кон одржливото економско закрепнување, и преостанатите слабости.

Според оваа рамка се предвидува спроведување на мисии за преглед на секои три месеци со цел рано утврдување на ризиците, што ќе овозможи да се преземат мерки за справување со нив во рана фаза. На секои три месеци Комисијата ќе доставува извештаи што ќе ги содржат нејзините наоди на Европскиот парламент, грчкиот парламент и Економско-финансискиот комитет во конфигурацијата на еврозоната – Работна група за Еврогрупата.

ЕК, исто така, посочува дека мерките за задолжувањето, договорени на состанокот на Еврогрупата од 22-ри јуни ќе зависи од содржината на кварталните извештаи.

Оваа одлука, исто така, предвидува засилен надзор од страна на Комисијата, во соработка со ЕЦБ и, онаму каде што е соодветно, Меѓународниот монетарен фонд.

„Подобрениот надзор не е четвртата програма. Не е поврзана со новите обврски или услови, туку претставува рамка за поддршка на спроведувањето и завршувањето на тековните реформи. Зошто е толку важно? Бидејќи заздравувањето на Грција не е настан, туку процес“, истакна за возврат еврокомесарот за економски и монетарни прашања, Пјер Московичи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП