17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАССК и УЈП со заедничка акција контра нерегистрираните бизниси

ССК и УЈП со заедничка акција контра нерегистрираните бизниси

Заедничка координација на Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК) и Управата за јавни приходи (УЈП) за регистрирање на субјектите што немаат регистрирано фирма, a со цел намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција, се главен фокус на кој двете институции ќе соработуваат за подобрување на деловниот амбиент.

Меморандумот за соработка меѓу институциите, што го потпишаа претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, и директорот на УЈП, Сања Лукаревска, значи официјализирање на соработката и заедничка работа на повеќе полиња за подобрување на деловниот амбиент во земјата.

„Неформалната, т.е. сивата економија е еден од најголемите проблеми бидејќи оние што учествуваат во неа неправично и незаконски ги става во привилегирана положба во однос на оние што си имаат регистрирано фирми и ги исполнуваат законските обврски. Според последните податоци на меѓународните организации, во земјата секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори. Инспекциските служби треба да практикуваат тие што ќе ги затекнат на терен по службена должност да ги регистрираат за да се воведат во системот, да плаќаат даноци и бидат лојална конкуренција“, изјави Арсовска и појасни дека тие субјекти никаде не фигурираат, прават милионски профити на црно, а не се регистрирани и работат со готовина.

Неодамнешните анализи објавени на Сојузот покажаа дека сивата економија зема замав и е огромна нелојална конкуренција на регистрираните бизниси. Според анализите, оние што работат без фирма уште на почеток се повеќе од 50 проценти поконкурентни од регистрираните фирми поради тоа што не плаќаат ДДВ, не плаќаат продонеси по основа на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци ги плаќаат како лица наместо да плаќаат индустриска струја и вода како регистрираните фирми, со што не само што го оштетуваат буџетот туку и нудат цени пониски и до 50 проценти, а кои регистриран бизнис што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне.

Според извештајот на ОЕЦД, во Република Македонија има 25 отсто учество на сивата економија во вкупната економија, а што се потврди и во извештајот на ЕУ, во кој се вели дека сивата економија останува главна пречка за бизнисот и влијае на конкурентноста на формалниот приватен сектор. Процените за големината на сивата економија со извештајот на ЕУ се движат од 20 отсто од вкупното производство до 40 отсто во зависност од применетиот метод, што создава пречка за инвестиции и прави сериозни проблеми и нелојална конкуренција на регистираните компании. Просечното ниво во европските земји се движи од 12 до 15 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП