10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМлади ќе креираат апликација за Министерството за финансии за потранспарентен буџет

Млади ќе креираат апликација за Министерството за финансии за потранспарентен буџет

Над седумдесет млади лица овој викенд во Министерството за финансии ќе работат на развивање апликација која ќе ја користи Министерството за финансии за во иднина да го направи Буџетот на РМ подостапен и транспарентен за граѓаните. Ова е прв Фин хакатон, а од Министерството за финансии велат дека интенцијата е да прерасне во традиција.

Натпреварувачите на Фин Хакатонот, што го организира Министерството во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, во рок од 48 часа од петок до недела ќе треба да ја исполнат оваа задача, а најдобрата апликација ќе биде наградена со 1,5 милиони денари, средства обезбедени преку Фондот за иновации.

– Најдобрите идеи доаѓаат од народот. Во овој случај граѓаните ќе креираат апликација, видео и игра кои ќе ги доближат јавните финансии до граѓаните. Ќе го употребиме нивното видување за буџетот да стане поразбирлив и подостапен за сите, рече министерот за финансии Драган Тевдовски, кој посочи дека имало голем интерес за пријавување на Фин Хакатонот.

Фин Хакатонот викендов е посветен на Буџетот на РМ. Граѓанскиот буџет добива нова форма, многу попристапна и поразбирлива за јавноста. Во апликацијата, видеото и играта ќе се прикажат приходите и расходите на државата, како тие се собираат и трошат, на начин приемчив за граѓаните.

На Фин Хакатонот учествуваат 73 натпреварувачи во групи од три до шест лица – програмери, графички дизајнери, економисти и креатори на софтвер. Тие за време на викендот ќе се преселат во Министерството за финансии и континуирано ќе работат на идејното решение. Во недела жирито ќе избере најдобри предлози. Во жирито покрај министерот за финансии Драган Тевдовски, ќе бидат и директорот на Фондот за иновации Јован Депостовски, како и претставници на академската заедница, на невладиниот сектор и експерти.

Ова е првпат која било институција во Македонија да организира ваков настан. Хакатонот е натпревар, предизвик, во кој во ограничен временски период и простор програмери, графички дизајнери, хакери и креатори на софтвер, да работат на развој на софтверски или мултимедијален производ на зададена тема.

Најдобрата апликација што ќе биде избрана ќе ја користи Министерството за финансии, но таа ќе може да биде понудена и на други земји во регионот, бидејќи вакви алатки во околните земји не се користат, иако ги има во светски рамки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП