10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПратениците ќе добиваат помали патни трошоци

Пратениците ќе добиваат помали патни трошоци

По пауза од речиси половина година пратениците се сетија дека се договорија да си ги скратат патните трошоци, па измените на Законот за пратениците денеска добија зелено светло на собраниската Комисија за политички систем.

Со предложеното законско решение , наместо досега утврдените 30 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар на возилото кое се користи, пратениците да добиваат надомест во висина од 20 проценти, од продажната цена за еден литар гориво.

На пратениците кои живеат подалеку од 100 километри од Собранието, им се остава и можноста за закуп на стан, со право на надоместок за само четири патувања месечно од и до нивното место на живеење, за да може да контактираат со гласачите.

„Како клучната причина поради која пратениците ги користат сопствените возила за службени цели е непостоењето на адекватен и соодветен јавен меѓуградски превоз – автобуски и железнички, кој би ги задоволил и исполнил реалните барања и потреби. Оттука измената на постојното законско решение, ќе обезбеди заштеда во Буџетот на Република Македонија, но и ќе овозможи непречено функционирање на пратениците кои живеат надвор од Скопје“, се наведува во предлог-законот.

Предлогот е доставен од пратеничката група на СДСМ, а следува по низата критики од јавноста за огормните суми пари кои се одвојуваат од Буџетот за патните трошоци на пратениците. Како што објави „Макфакс“, пратениците лани земале од 10-12 илјади евра за неколку месеци, а рекордер според исплатени патни трошоци за 2017 година, беше пратеникот на ПЕИ Алија Камберовски, кој, според истражувањето на „Макфакс“ од март до ноември лани добил 12.847 евра за патни трошоци. Според премсетките, превозот и патарините на пратениците лани го чинеле државниот буџет приближно 465 илјади евра, или по 50-тина илјади евра месечно се исплаќаат само за оваа намена.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП