19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев и Манчевски на самит во Виена: Поголема економска соработка меѓу земјите...

Анѓушев и Манчевски на самит во Виена: Поголема економска соработка меѓу земјите од Западен Балкан

Земјите од Западен Балкан мора да воспостават уште посилни меѓусебни економски односи и да го подигнат нивото на соработка, односно заеднички да работат на промоција на регионот како поволна бизнис-дестинација и на тој начин да ја подигнат атрактивноста за привлекувањеа нови инвестиции, порача заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој заедно со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествуваа на работниот состанок на министри за економија, кој како посебна сесија се одржува во Виена, во рамките на Самитот за Западен Балкан.

„Треба да ја подигнеме меѓусебната економска соработка во регионот, пред да соработуваме со земјите од ЕУ. Владата е посветена на унапредување на соработката со сите земји во регионот и сметаме дека преку овој пристап граѓаните во нашите земји и регионот генерално ќе има бенефит. Сите држави во регионот се мали држави, како такви, тие и нивните економии, не се одржливи сами за себе и затоа мора повеќе да соработуваме“, потенцираше Анѓушев.

Анѓушев посочи дека Владата посветено работи на проекти со кои ќе подобри инфраструктурното и енергетското поврзување на земјите во регионот, но и за олеснување на административни процедури за економска соработка помеѓу земјите.

Тој потенцира дека Владата е насочена на изградба на квалитетна инфраструктура, особено на меѓународните транспортни коридори 8 и 10.

Во врска со енергетските проекти Анѓушев истакна дека постои иницијатива за формирање заедничка берза за струја со Република Бугарија, односно спојување на енергетските пазари, со што ќе се влијае на поевтинување на електрична енергија за граѓаните. Изградба на 400 киловолтен далекувод со Албанија и изградба на гасовод со Република Грција се два важни проекта кои Владата ќе ги спроведува, а кои ќе донесат сигурност и конкурентност во снабдувањето со енергенси, дополни Анѓушев.

Зборувајќи за заложбите на Владата за развивање нигитални вештини, министерот Манчевски презентираше неколку проекти и активности на кои се работи во моментов.

„Дигиталните вештини се клучни за да ги задржиме младите во регионот, да работат тука за повисоки плати и да придонесат за економски развој. Преку проектот Младинска гаранција, целта е да се обучат лица од други професии во ИТ-кадри за кус временски период од најмногу една година. Проектот Поврзани училишта, на чие осмислување работиме во моментов, значи креирање дигитални содржини и поврзување на сите училишта во земјата. Во завршна фаза сме и со првиот технолошки парк и создавање инкубатори за мали компании. Ова ќе обезбеди поволна средина и систем за младите да останат во Македонија, да бидат успешни и да придонесат за развој на економијата“, заклучи Манчевски.

Еврокомесарот Хан ја реафирмираше одлуката на Европската комисија дека во 2019 година Република Македонија и Република Албанија ќе почнат преговори за членство во ЕУ.

Самитот за Западен Балкан се организира во рамките на таканаречениот „Берлински процес“, инициран од Сојузна Република Германија, а поддржан од Обединетото Кралство, Франција, Австрија и Италија. За разлика од досегашниот концепт на еднодневна конференција, годинава официјалниот дел се одвива во три дена – денес е Сесијата на Министрите за економија во Виена, на 9 јули – паралелни сесии на Министрите за надворешни работи и на Министрите за внатрешни работи, додека претседателите на Влади се состануваат на 10 јули во Лондон.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП