20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрад Скопје почна постапка за набавка на нови 40 еко-автобуси

Град Скопје почна постапка за набавка на нови 40 еко-автобуси

Јавното сообраќајно претпријатија „Скопје“ ќе добие нови 40 еколошки автобуси на гас. Постапката за набавката е почната вчера. Тендерот се очекува да биде распишан наесен, а договорите за новите автобуси да бидат потпишани до крајот на годината.

– Од вчера официјално ја почнавме постапката за набавка на 40 нови еколошки автобуси на гас кои ќе го променат јавниот транспорт во градот и нема да ја загадуваат околината. Управниот одбор со поддршка на ЈСП и Град Скопје ја почна постапката за добивање кредит од Европската банка за обнова и развој во висина од 10 милиони денари со еден отсто камата, три години грејс период и седум години отплата, а за кое задолжување ја добиваме и државната гаранција, рече денеска на прес-конференција градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

Тој посочи дека очекуваат наесен со консултанти од ЕБРД да го распишат тендерот за набавка на автобусите, а договорот за новите автобуси ќе биде потпишан до крајот на годинава.

– Наша цел е две третини да бидат зглобни нископодни автобуси. Скопје заслужува најмодерни технолошки решенија. Новите автобуси ќе трошат двојно помалку, а најголемата предност е што емитуваат значително помалку ПМ 10 честички во амбиенталниот воздух. Дури 90 проценти емисијата на штетни гасови е помала од дизел автобусите, додаде Шилегов.

Потенцира дека пред седум години Град Скопје набавил 202 двокатни кинески автобуси и 80 украински автобуси кои чинеле премногу, а се со лош квалитет и секојдневно се расипуваат. ЈСП, појасни, има проблем со овие автобуси poради непостоење на овластен застапник, а со тоа и неможност за техничка поддршка и нивно сервисирање.

– Изминатиот период Град Скопје и ЈСП интензивно работеа на модернизација на возниот парк. Вршевме тестирање со цел да обезбедиме најдобро и најоптимално можно решение за нашиот град. Низ градот сообраќаа автобуси од најразлични производители – три на гас и еден електричен. Целта беше од искуствата што ќе ги собереме да го избереме најдоброто решение. Автобусите на гас се покажаа како енергетско ефикасни, истакна Шилегов.

Според него, ова е само почеток на решавање на деценискиот проблем со јавниот транспорт во Скопје кое ќе биде современа европска метропола.

– Еден автобус од зглобните кои ќе ги набават може да пренесе 150 патници, а 82 патника е капацитетот на скапо платените кинески дизел автобуси кои се расипуваат и не ги задоволуваат потребите на граѓаните. Во оперативна употреба кога ќе го пуштите автобусот на гас на дневна основа ќе имаме заштеда на оперативни трошоци меѓу 55 и 60 евра по еден автобус. Значи годишно еден автобус ќе заштедува за ЈСП околу 40.000 евра. Нашите очекувања се дека годишната заштеда на трошоците на ЈСП ќе биде меѓу 700.000 и 900.000 евра, додаде Шилегов.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со реакција на жители на Аеродром и Ново Лисиче за мирисот на изгорено и загадениот воздух рече дека до Град Скопје не пристигнала официјална пријава од граѓани. Посочи дека сериозно време посветуваат токму на амбиенталниот воздух, го средиле проблемот на Дрисла, на дивата депонија во Карпош која стана рециклажен центар, биле во Усје и тоа претпријатие да го отворат кон јавноста за да ги видат неговите еколошки перформанси.

– Граѓаните треба да пријават загадување со цел да ги минимизираме што е можно повеќе сите потенцијални извори на загадување во воздухот. Почната е постапката за основање градско претпријатието кое ќе ја преземе топловодната мрежа и ќе биде столб на гасификација, така што ги создаваме перформансите за да може на среден рок да кажеме дека Скопје не генерира загадување. Токму заради тоа е и набавката на овие нови 40 еколошки автобуси кои продуцираат само 10 проценти штетни гасови, додаде Шилегов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП