12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМЗШВ: Земјоделството меѓу приоритетите во новата стратегија на Светската банка

МЗШВ: Земјоделството меѓу приоритетите во новата стратегија на Светската банка

Светска банка почнува со подготовка на новата стратегија за партнерство со Македонија, во којашто земјоделството е високо на листата на приоритетни сектори. Oва беше тема на денешниот работен состанок на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, со директорот на Светска банка за Македонија, Марко Мантованели.

По неколку години, Светска банка назначи одговорно лице за земјоделство во канцеларијата во Скопје, кое од следната недела заедно со МЗШВ ќе работи на анализа на приоритетите коишто може финансиски да ги поддржи во следниот период. За одговорно лице за земјоделство во канцеларијата на Светска банка е назначена Силвија Маури.

На состанокот министерот Николовски ги информираше претставниците од Светска банка за сегашните и идните реформи кои ќе ги спроведува МЗШВ во земјишната политика, искористувањето на средствата од ИПАРД-програмата, капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, трансформацијата на шумарскиот сектор, справување со климатските промена и реформата во советодавниот систем.

Посебен акцент беше ставен на креирање услови за организирано договорно производство, подобрување на квалитетот и стандардите и стратегија за извоз на македонските земјоделско-прехранбени производи. Од Светска банка потенцираа дека во оваа област поседуваат експертиза и можност да обезбедат средства за инвестиции во откупно-дистрибутивни центри.

Меѓу другото, Светска банка следната недела ќе го потпише договорот со Европската Унија за спроведување на Функционалната анализа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од којашто треба да произлезат идните насоки за системско функционирање на министерството како институција со цел обезбедување навремени и квалитетни услуги и информации за граѓаните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП