Секој албански граѓанин се раѓа со долг од три илјади евра. Независно од иницијативите на Владата, на премиерот Еди Рама, за намалување на нивото на јавниот долг тој и понатаму останува загрижувачка појава за економијата. Според експертите, Албанија е на списокот на проблематичните земји, бидејќи долгот не се користи за стимулирање на економскиот раст, туку да се пополнат дупките во буџетските приходи.
„Во споредба со бројот на населението, но и споредено со земјите од регионот, имаме највиско ниво на долг, споредено со БДП. Многу е тежок предизвикот долгот да се намали под 60 отсто“, вели професорот Ардиан Цивици, поранешен член на Надзорниот одбор на Централна банка на Албанија.
Моментно нивото на јавниот долг на Албанија изнесува 68,6 отсто од БДП или над 8 милијарди евра. Владата најавува до завршување на мандатот во 2021 година тој ќе се намали на 60 отсто.