19 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИМисла на неделата – да сте живи и здрави!

Мисла на неделата – да сте живи и здрави!

Убав поздрав нели, “да сте живи и здрави”. Народната мудрост низ вековите, а и секој човек лично, вели дека здравјето е бесценето и дека е најважно за секој од нас. ,,Здрав човек има иљада желби, а болен човек има само една.” – народна поговорка.

За да помогнат кога ќе сме болни постои медицината односно тука се лекарите. Нашиот здравствен систем е таков што сите треба да имаме матичен лекар (стоматолог, гинеколог за жени …) кај кого ќе се обратиме кога сме болни. Нашиот матичен лекар во интерес на нашето здравје не лечи преку соодветна терапија, совети и слично. Но пошто нашите матични лекари не се волшебници и не ги поседуваат сите знаења, апаратура и опрема, не испраќаат кај соодветен специјалист за понатамошно дијагностицирање и лечење. За да нема гужви и да тече работата подобро постои мој термин каде на закажано одиш кај специјалистот за да се излечиш. И така ние сме здрави и весели, нели?

Е па сите сме свесни дека нема таква идила во нашето здравство, мислам на јавното здравство. Ќе зборувам во мое име но со сите со кои сум зборувал се сложуваат со мене дека нешто чкрипи.

Уште пред Нова Година почувствав болки во десното колено. Се повредив на бизарен начин, но велам имам мака ај да одам на лекар. Отидов на матичен и пошто човекот не е ортопед ме праќа на соодветен специјалист. Но проблем, нема термин. Љубезната сестра ми вели дека ќе ме запише и ќе проверува кога има термин таму каде што мене ми одговара и дека ќе закаже штом се појави слободен термин. Уште пољубезно ме упатува и јас сам преку порталот на Министерството за здравство да следам кога има термини па да се јавам кај нив и да закажам. Да не продолжувам со перипетиите околу моето колено, но само ќе кажам дека се уште не сум го доизлечил, односно треба да отидам повторно кај мојот матичен и да ми закажат термин за физикална. Ми кажаа дека најрано што би можел да се надевам на слободен термин е крајот на Септември оваа година. И знам дека кога ќе отидам кај физијатарот тој повторно ќе ми закаже нов термин  кога да започнам со терапии.

Втор пример е одењето на рентген. Прво и таму се чека некое време (ти закажуваат за една недела или повеќе) но моментот што треба да чекам и неколку работни денови за да некој ја прочита снимката за мене е страшен.

Штом сум дошол на лекар јас имам мака и можеби мојата мака не може да чека. Понатака, на работа сме и јас немам време да проверувам на Мој термин а и не можам да излегувам толку често за да одам по лекари. А пак можам да замислам како им е на оние што работат на машини и мораат да остварат норма.

Реултати од разни испитувања да се чекаат по неколку денови ?!?! Па човек ако стварно има мака може и да умре додека се соберат резултатите од испитувањата.

Да, постои и приоритетен упат, но и тој број на приоритетни упати им е ограничен на матичните лекари, а и ако го добиеш треба да одиш и да чекаш сите со закажан термин да поминат па да дојдеш на ред или да се молиш и надеваш на љубезноста и желбата на пациентите со термини  и онаа на лекарот да те прими.

Не секој може да си го приушти приватното здравство или прегледот на приватно (за кој по дивно чудо не се чека и во јавното здравство) и кај некои болести едноставно не може и не смее да се чека.

За мој термин и за јавното здравство секој од нас може многу да зборува и да кажува лоши примери. Но сите ги знаеме проблемите и јас сакам да се изнајде решение.

Еве три предлози:

Државата мора да  обезбеди услови и добар медицински кадар и опрема да има насекаде низ градовите. Да има повеќе регионални медицински центри, на пример во Штип, Битола, Охрид, Тетово, Куманово со што ќе им се олесни на луѓето низ цела држава, а ќе се намалат и трошоците за лекување.

Ако не може да има добро јавно здравство, односно нема термини, тогаш Фондот за здравствено осигурување да ги рефундира сите трошоци (или 80% од трошокот)  кои ќе ги направиме за лечење во приватни клиники во државата за сите болести.

Државата да ги мотивира и осигурителните компании да издаваат полиси за осигурување кои ќе ги покриваат трошоците за лечење. Односно осигурителните комапнии да продаваат полиси за здравствено осигурување, а работодавецот, во договор со вработениот, да ги уплаќа целосната или дел од предвидената сума пари за здравствено осигурување наместо во државниот фонд за здравствено осигурување, во осигурителните куќи кои ќе нудат таква полиса

Знаете како се вели, недај боже да имаш мака и да тргнеш по лекари. Па јас на сите нас да посакам да немаме такви маки и да сме здрави и живи. А моето колено скоро па да не ме боли повеќе. Изгледа дека навистина времето е добар лекар.

М-р Раде Чоловиќ

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП