28 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо август нов договор за субвенционирани летови од македонските аеродроми

Во август нов договор за субвенционирани летови од македонските аеродроми

Нов договор за доделување финансиска поддршка од државата за воведување нови дестинации од македонските аеродроми треба да биде потпишан во август годинава со авиокомпанија што ќе биде избрана на повикот што за таа намена го објави денеска Министерството за транспорт и врски.

Со тендерот на кој понуди ќе може да се доставуваат до 27 следниот месец, кога ќе има нивно јавно отворање, ќе биде избрана авиокомпанија која во наредните три години ќе добие финансиска поддршка од пет милиони евра.

За секоја нова дестинација од аеродормите во Скопје и Охрид ќе се исплаќа еднократен надомест од по 40.000 евра. За секој патник во заминување во првите три години за дестинации од Скопскиот аеродром авиокомпанијата ќе добива по девет односно осум и седум евра, а од Охридскиот аеродром финансиската поддршка по патник за првата година ќе изнесува 13 евра, односно 12 и 11 евра во втората и третата година.

Компаниите што ќе аплицираат меѓу останатото треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

– Финансиската поддршка ќе се додели на авиокомпанијата која ќе понуди најголем број нови дестинации на кои ќе оперира од и до меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, а кои не биле опслужувани со редовен воздушен превоз во последните две ИАТА сезони, рече на прес-конференција ресорниот министер Горан Сугарески.

Според него, целата постапка ќе се одвива на јавен и транспарентен начин, а крајната цел е раст на авиосообраќајот и обезбедување атрактивни дестинации за граѓаните согласно нивните потреби по прифатливи цени на билетите.

Како што појасни Сугарески, на повикот може да се пријават сите домашни и странски авиопревозници, вклучително и нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ која во изминатите шест години со два договора доби 9,5 милиони евра субвенции од државата.

Обврските на државата кон „Виз ер“, посочи Сугарески, се исполнети. Според условите на тендерот, компанијата што ќе биде избрана најдоцна до 1 декември треба да воспостави или одржи база од најмалку еден воздухоплов на охридскиот аеродром, а најдоцна до 1 ноември годинава да стартува со оперирање на најмалку две дестинации од меѓународниот аеродром Скопје, а од охридскиот аеродром со најмалку четири нови дестинации од кои првите две до крај на годинава, а останатите во рок од една година од склучување на договорот.

Новините со денеска објавениот повик, во однос на претходните се однесуваат на проширување на капацитетите на Охридскиот аеродорм, согласно намерите на Владата за неговца промоција како аеродорм за нискобуџетните авиокомпании.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП