18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев ги повика австриските бизнисмени да инвестираат во Македонија

Заев ги повика австриските бизнисмени да инвестираат во Македонија

Премиерот Зоран Заев ја започна официјалната посета на Република Австрија со состанок во Австриската Федерална Стопанска Комора.

„Развиваме добра економска клима, очекуваме отворање на евро-атлантските интеграции, станавме атрактивна држава за инвестиции, да ја унапредиме економската соработка“, ги повика бизнисмените од Австрија премиерот Заев.

Тој посочи дека договорот со Грција го затвора билатералното прашање што стои на патот на интеграциите на Македонија, а дека земјата прави сериозни реформски чекори согласно европските стандарди што гарантира предвидливост и стабилност на бизнис климата во нашата држава.

„Ја надминавме политичката криза, ја стабилизиравме државата градејќи едно општество за сите, правиме суштински реформи за владеењето на правото и воспоставување правна држава, затоа и добивме чиста препорака од ЕУ. Сега со право за нашите напори и резултати очекуваме и датум за почеток на преговорите со ЕУ. Очекуваме и покана за НАТО. Ова за нас значи стабилност, безбедност, нови инвестиции, нови работни места, економски развој“, порача премиерот.

Заев изрази надеж дека бројот на австриски инвеститори во Македонија ќе се зголемува, а таков повратен охрабрувачки одговор доби и од претставниците на австриската Стопанска комора.
Австриските бизнисмени констатираа дека се отвораат можности за развој на економската соработка, по позитивните промени во Македонија.

Заев беше придружуван од вицепремиерот Кочо Анѓушев, а двајцата заедно ги повикаа бизнисмените да помогнат со австриските искуства околу едукацијата со цел создавање квалификувани и конкурентни работници.

Анѓушев го објасни економскиот развоен план што го спроведува Владата. Тој посочи на три важни точки на коишто Владата обрнува внимание со што покажува разбирање за стопанствениците, а со тоа и за условите во кои работат работниците.

„Прво, важно е владеењето на правото и на тоа работиме, инвеститорите да се чувствуваат безбедни, второ, градиме стабилна држава низ реформите и евро-атлантските перспективи што ги отвораме и трето, економските мерки што се темелат на транспарентен и охрабрувачки пристап кон секој инвеститор. Секој да се чувствува поддржан“, порача Анѓушев. Тој ги објасни поволностите за инвестирање во слободните економски зони и финансиската поддршка од државата за компаниите.

На средбата е заеднички констатирано дека има услови за продолжување на трендот на зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Австрија.

По оваа средба во Стопанската комора на Австрија, премиерот Заев има тет-а-тет средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц, по што ќе следува работен ручек на владини делегации на двете земји и заедничка прес конференција на премиерот Заев и канцеларот Курц.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП